Неолитскиот археолошки локалитет Тумба Маџари открива нови тајни од минатото

Исклучителни керамички предмети од периодот од 5.800 до 5.300 година пред новата ера открија археолозите на неолитскиот археолошки локалитет Тумба Маџари во Скопје. Зоо-антропоморфен жртвеник – симбиоза на тело на животно со тело на жена, керамички сад кој потсетува на птица се дел од предметите што ги пронајдоа археолозите. Истражувањата ги спроведува Археолошкиот музеј од Скопје, под чија надлежност е со локалитетот Тумба Маџари. Раководителка на истражувањата е м-р Елена Стојанова-Канзурова, археолог, кустос-советник во Музејот, а во стручниот тим членуваа и д-р Перо Синадиновски, м-р Буњамин Џемаиљи, Благоја Китановски, Јовица Ристов, Марија Видеска, архитект, Перо Кованцалиев, конзерватор и Тони Митрев. Надворешни стручни соработници се м-р Сашко Василевски, археолог од Кавадарци и Наталија Марчевска, апсолвент по археологија.

– Садот лик на човек, веројатно на жена која многу потсетува на изведбата на лицето на познатите керамички скулптури – Големите Мајки. Садот е откриен во фрагментирана состојба и се издвојува и по разновидните сликани орнаменти, а на предната страна на вратот, нејасно се наѕираат контури кои наликуваат на човечко тело. Не помалку вредни се и прекрасниот пехар со сликани темни орнаменти, амфора, минијатурни керамички женски фигурини, фрагменти од предмети, познати во археологијата како жртвеници од типот масички, фрагменти од садови за разни секојдневни намени, камени и коскени алатки, накит, и секако нови фрагменти од познатите керамички скулптури со претстава на Големата Мајка или во археолошката наука именувани како антропоморфни модели на куќи – велат археолозите.

Тие истражуваа во новиот простор на 110 квадратни метри каде се откриени остатоци од архитектура, односно од куќа со печка и дополнителна структура која можеби служела за чување на житарици. Истражувањата беа спроведени на катастарската парцела од 6.198 квадрати, сопственост на ЕВН Македонија, која неодамна му ја отстапи на Археолошкиот музеј за долгорочно истражување.

Во текот на истражувањата во Тумба Маџари се реализираше проектот Неолитска креативна работилница, а беше снимен и спот за подигање на свеста кај пошироката јавност за проблемот со отпадоците на археолошките локалитети.

Според податоците објавени од Археолошкиот музеј, „Големата Мајка“ односно локалитетот Тумба Маџари припаѓа на Анзабегово-вршничката културна група II-III што го опфаќа периодот од 5.800 до 5.300 година пред новата ера.

– Социјалните односи во заедниците, а особено во семејството се подредуваат на општите интереси за опстанок и благосостојба, во кои жената стекнала посебен општествен статус. Таа е моќна инспирација за неолитскиот вајар да го овековечи нејзиното тело и дух преку разни фигурини изработени од глина, камен и коска. Улогата на жената како родилка и мајка била поистоветувана со култот на плодноста, односно култот на т.н. Голема Мајка, божица, на што укажуваат керамичките претстави од двете македонски културни групи. Особена иконографија на овој култ наоѓаме во македонскиот неолит и по својата оригинална уметничка изведба и експресивност се издвојува од неолитот на соседните области – пишува м-р Елена Стојанова Канзурова, археолог, кустос-советник за неолит.

(В.И.И.)

Сподели