Тоа ја поткопува суштината на гимназиското образование, изборноста како опција за напредно изучување на предметот и значењето на биологијата како наука за животот, реагираат три професорки по Биологија од скопската гимназија „Орце Николов“
Со новата концепција за гимназиско образование, предметот Биологија во трета и четврта година е предвиден како изборен предмет, што претставува сериозно отстапување од улогата и значењето на биологијата како фундаментална природна наука, реагираат три професорки по Биологија од скопската гимназија „Орце Николов“. Мирјана Богданоска, м-р Елена Стефановска и Марина Звездаковска, велат дека не се против промени и осовременување на наставната програма. Напротив, ја поддржуваат реформата и воведувањето модерни содржини, интердисциплинарен пристап и усогласување со современите научни и образовни текови.
– Сепак, не прифаќаме намалување на фондот на часови, ниту деградирање на предметот во формално изборен со минимален неделен фонд од 2 часа. Тоа ја поткопува суштината на гимназиското образование, изборноста како опција за напредно изучување на предметот и значењето на биологијата како наука за животот – велат тие.
Според нив, намалувањето на бројот на часови со 2 часа неделно, наместо 4 часа (како што било првично најавено), се врши значително намалување на наставниот фонд, што директно влијае врз квалитетот и обемот на наставната програма, можноста за лабораториска, истражувачка и практична настава и професионалниот статус и работната сигурност на наставниците по Биологија.
– Се создава впечаток на системско минимизирање на природно-математичките и СТЕМ-дисциплините. Во современото општество засновано на знаење, технолошки развој и иновации, ваквиот пристап е спротивен на глобалните образовни трендови. Особено во време кога светот инвестира во биотехнологија, биоинформатика, зелена енергија и медицински истражувања, овој концепт на гимназиско образование го намалува присуството на основните научни дисциплини, што претставува стратешка грешка во нашиот образовен систем и води кон чекор назад – велат тие.
Богданоска, Стефановска и Звездаковска додаваат дека резултатите од ПИСА-тестирањата укажуваат на сериозни предизвици во функционалната писменост, математичката и природно-научната писменост кај учениците. Наместо зајакнување на овие области, предложените измени дополнително ќе ја влошат состојбата. Изборноста на предметот подразбира дека е наменет за ученици кои имаат изразен интерес, афинитет и намера за понатамошно образование во таа област. Изборноста по дефиниција значи продлабочено и повисоко ниво на изучување, проширување на содржините и развивање напредни компетенции.
– Со два часа неделно невозможно е да се реализира продлабочена обработка на наставните содржини, да се работи на повисоки когнитивни нивоа (анализа, синтеза, евалуација), да се спроведуваат лабораториски, експериментални и истражувачки активности, да се подготват учениците соодветно за приемни испити (надвор од државата) како и матурски испити и студии од природно-математичка и медицинска област. Ако предметот е изборен, се очекува квалитативен исчекор во однос на задолжителното ниво, а не минимален фонд кој практично го сведува предметот на редуцирана форма – велат тие.
Според нив, намалувањето на неделниот фонд на часови ќе влијае врз организацијата на наставата и распределбата на наставниот ангажман во училиштата, врз стабилноста и континуитетот на наставата по Биологија, ќе ја ограничи можноста за долгорочно планирање на квалитетни наставни активности, развој на лабораториска работа и реализација на проекти итн. Сето тоа ќе се одрази на наставниот кадар.
Според нив во предлог-концепцијата неправилно се групираат предметите Биологија и Географија во ист изборен блок, така што учениците ќе треба да изберат еден од двата предмети. – Ова е концепциска и педагошка грешка. Биологијата и Географијата се науки кои меѓусебно се надополнуваат. Ставањето на двата предмета во директна конкуренција значи дека учениците ќе бидат лишени од едната област, што е спротивно на целите на гимназиското образование како општообразовен тип на образование. Изборноста, доколку постои, треба да биде организирана меѓу различни научни подрачја, односно природна наука да се избира во комбинација со општествена или хуманистичка наука. Само така ќе се обезбеди рамнотежа меѓу природни и општествени науки, целосен развој на критичко, научно и општествено размислување и зачувување на интегритетот на наставните дисциплини – велат тие.
Богданоска, Стефановска и Звездаковска даваат неколку насоки за унапредување на документот:
– Биологијата, како и другите природни науки, да останат задолжителни најмалку до трета година, со можност за зголемен фонд во четврта година за учениците кои се определуваат за природните науки.
– Доколку предметот остане изборен во трета и четврта година, неопходно е да има зголемен неделен фонд (најмалку 3 часа), со јасно дефинирано продлабочено ниво, во спротивно изборноста станува формална, а не суштинска.
– Да се предвиди диференциран модел: задолжителен основен модул за сите ученици и продлабочен модул за ученици кои продолжуваат во СТЕМ-области.
– Да се направи усогласување помеѓу обемот на наставните програми и реалниот неделен фонд на часови.
– Да се спроведе широка стручна расправа со вклучување на универзитетската заедница, наставниците и стручните здруженија пред конечна имплементација.
– Да се изработи долгорочна стратегија за зајакнување, а не за редуцирање, на СТЕМ-науките во средното образование.
Предлог-концепцијата за гимназиско образование деновиве е во фокус на јавна дебата. Министерството за образование и наука првпат ја објави пред една година, по што следеше период на имплементација на забелешките. Многумина реагираат дека во новиот предлог не се внесени суштински забелешки од првичниот документ.
(В.И.И.)
Насловна фотографија: Македонско биолошко друштво





