Науката добива 5,5 милиони евра за инфраструктура и истражувачки проекти

5,5 милиони евра наменети за унапредување на научно-истражувачката инфраструктура и за иновативни научно-истражувачки проекти ќе добијат државните универзитети и факултети, јавни научни установи и Македонската академија на науките и уметностите. Буџетот ќе го дисеминира Министерството за образование и наука. Веќе се објавени два јавни конкурса на кои се аплицира електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, во рок од 45 дена од објавувањето.

Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, дел од парите се обезбедени во рамки на годинешниот буџет за наука кој е двојно поголем од ланскиот и изнесува 680 милиони денари. Останатиот дел од парите за проектите ќе бидат исплатени во текот на 2026 година, кога треба целосно да завршат проектите што ќе бидат прифатени.

– Секој прифатен проект ќе добие буџет најмногу до 8 милиони денари, преку исплата со однапред утврдена динамика која ќе се заокружи најдоцна до 31 октомври 2026 година. Еден апликант може да конкурира со повеќе проекти, но може да му бидат прифатени најмногу четири. Ниеден проект не смее да биде идентичен со некој што е веќе реализиран или тековно се спроведува – појасни Јаневска.

Првиот конкурс е наменет за финансирање на 40 научно-истражувачки проекти на државните универзитети, факултети, научни институти и МАНУ. Од нив, 15 ќе бидат од подрачјето на природно-математички науки, инженерство и технологија, медицински и здравствени науки, земјоделски и ветеринарни науки. 15 проекти ќе бидат од подрачјето на општествени и хуманистички науки и 10 проекти во области од Стратегијата за паметна специјализација во насока на дигитална и зелена транзиција, односно паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електро-машинска индустрија, и одржливи материјали и паметни згради.

Вториот конкурс е наменет за распределба на средства на осумте самостојни јавни научни установи, кои вршат дејност од висок стратешки и национален интерес за државата. Ќе бидат финансирани научно-истражувачки проекти што траат најмногу две години. За секој проект ќе има поединечен буџет до најмногу 3 милиони денари, од кои половина ќе бидат доделени годинава, а другата половина догодина.

Според Јаневска, резултатите од двата конкурса ќе бидат објавени на веб-страницата на МОН, откако претходно врз основа на јасно дефинирани критериуми, ќе биде направено рангирање на поднесените предлог проекти, од страна на посебни комисии формирани за спроведување на конкурсите.

– Предност ќе имаат проектите во кои главниот истражувач има објавено најмалку 2 труда во списанија со импакт фактори во последните три години, како и главен истражувач кој има објавено најмалку 2 трудови во списанија евидентирани во меѓународни бази или списанија со меѓународен уредувачки одбор – рече Јаневска.

Таа додаде дека целта е да се поддржат научниците во личниот развој, но и заеднички да придонесеме во развојот на државата, во која образованието и науката треба да бидат основни двигатели.

Насловна фотографија: Архива / Извор: Институт за хемија, ПМФ

Сподели