Наставниците револтирани ја започнуваат школската година, Владата смирува да се стрпат до в година

Изреволтирани што не го добија тоа што го заслужуваат – повисоки плати наставниците денес ќе ја почнат наставата во новата учебна 2024/25 година. Членови на Независниот синдикат на образование во Битола ќе имаат протест по работното време. Глува за нивните барања остана Владата која упорно смирува дека покачувањето на платите е предвидено во 2025 година.

-Годинава нема можност за интервенирање поради огромната наследена дупка во буџетот на МОН во износ од 5 милијарди денари. Сосема е разбирливо дека наставниците се во право, тие си ги бараат и бранат своите права и целосно застанувам на нивна страна. Апелирам, да издржиме краток период и заедно да ја пребродиме кризата која е резултат на лошото и несовесно менаџирање на парите од претходното раководство – потенцираше вчера министерката Весна Јаневска.

-Успешна учебна година за учениците ќе биде секако, но за наставниците пак ќе биде тешка година без соодветна плата која и тоа како ја заслужуваме, но за жал, партиите си играат со нашето трпение. Како ќе имаме авторитет кај учениците, родителите и околината, кога државата не ни укажува должно внимание и почит како многу битна професија. Затоа, за жал, младите воопшто не се запишуваат на овие факултети, а државата овие грешки ќе ги воочи многу доцна, кога ќе станеме дефицитарен кадар, па наставници ќе вработуваат со несоодветни факултети: економисти, инженери и др – вели наставничка.

Според статистичките податоци кои ги сподели министерката Јаневска, во училиштата има 245 илјади основци и средношколци. Бројка која, како што рече е намалена за 17 илјади во последните седум години, а во истиот овој период, бројот на првачиња е намален за околу 3,5 илјади.

Јаневска се пофали дека по седум години, учебната година започнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. Обезбедени се 10-ина нови наслови во основното и над 100 во средното образование кои досега не биле испечатени. Наставата нема да трае подолго од 10 јуни и нема да има пролетен распуст. Едносменска настава се воведува во 140 училишта, а како поддршка на учениците со попреченост ќе бидат ангажирани над 1000 образовни асистенти. Изготвен е и Протокол за организирање настава во услови на топлотен бран.

-Сите учебници кои се одобрени и испечатени, во овие 60 дена се веќе испорачани во тираж од 360 илјади примероци“, рече Јаневска.

Таа потсети обезбедени се учебници и наставни материјали за бројни предмети за кои досега немаше.

„По предметот историја и општество за петто и шесто одделение, како и за предметите историја и географија за седмо одделение обезбедивме печатени материјали на сите 5 наставни јазици, со оглед на тоа што немаше одобрени учебници. Наставни материјали обезбедивме и за јазикот и културата на заедниците во сите одделенија каде немаше никаков учебник“, нагласи министерката.

Единствено во основното образование ќе недостигаат учебници за странски јазици од прво до деветто, поради тоа што, како што рече Јаневска, претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која се уште трае. Најави дека по завршување на жалбениот процес, постапката ќе биде повторно спроведена, транспарентно и согласно сите законски процеси.

„Во делот на средното образование, затекнавме состојба на испечатени само 15 наслови за средно стручно образование во минатата година, а ние сега печатиме над 100 учебници кои досега не биле печатени. Сакам и да информирам дека отпочнати се подготвителни активности за изработка на нови наставни планови и програми во гимназиско образование и тие ќе се применуваат од учебната 2025-2026 година. Врз основа на истите ќе се спроведат и постапки за одобрување на нови учебници“, рече министерката за образование и наука.

Додаде дека имплементацијата на новата концепција за основно образование е одложена во седмо, осмо и деветто одделение, првенствено поради револтот на наставниците околу интегрирањето на предметите и губењето на нивната основна суштина, како и збунетоста кај учениците од материјата која им се предавала.

„Во моментов ги консултираме наставниците и сите нивни забелешки ќе бидат интегрирани во новите програми што ќе ги подготви БРО и етапно во следните три години, година по година, а почнувајќи од 2025та-2026та, ќе се воведуваат во училиштата. Ќе се навратиме и на ревидирање на наставните програми во пониските одделенија, бидејќи и таму ситуацијата е идентична“, истакна Јаневска.

Фото: НСОН

Сподели