Од истражувањето „Квалитетот на наставата во високото образование“ спроведено од Независниот академски синдикат (НакС) произлегле три документи
„Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“ е насловот на документот за јавни политики што вчера го презентираше Независниот академски синдикат (НакС). Во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“, документот го изработи од експертски тим на (НакС), а автори се проф. д-р Зоран Велковски, проф. д-р Неда Здравева, проф. д-р Мира Беќар и Борјан Ефтимов, поранешен претседател на Универзитетското-студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Присутните ги проздрави проф. д-р Елена Џукеска, претседателка на НАкС која го истакна значењето на публикацијата и укажа на заложбите на синдикатот за континуирано унапредување на квалитетот на високото образование. Документот го презентираа Здравева, Беќар и Ефтимов. Тие истакнаа дека согледувањата за тоа што е квалитетно образование се различни во зависност од очекувањата.
– Во рамките на академската заедница тие се различни кај наставниците и кај студентите. Во пошироката општествена заедница тие се различни за деловната заедница, за владиниот сектор, за граѓаните. Но, сите се согласуваат дека квалитетот на високото образование ги диктира текот и развојот на општеството и на државата – велат тие.
Истражувањето „Квалитетот на наставата во високото образование“ спроведено од НакС покажало дека студентите се задоволни од квалитетот на високото образование, но единствено во делот што се однесува на теоретската настава. Значително треба да се унапредат застапеноста на практичната настава во содржините на студиските и на наставните програми и инфраструктурните услови за спроведување на практичната настава.
– Предлозите за решенија, со кои се очекува да овозможат унапредување на квалитетот на високото образование, се разгледуваат во три области: 1. Квалитет на студиите и на образовниот процес во целост, 2. Учество на студентите во процесот на донесување одлуки каде се разгледуваат прашањата за учеството во органите на управување и системот на финансирање на студентските активности и 3. Евалуацијата како систем за обезбедување квалитет на национално ниво и на ниво на високообразовни установи – образложува експертскиот тим на НАкС.
Студентите сметаат дека нивното влијание за подобрувањето на содржините на студиските и на предметните програми, начинот на изведувањето на наставата и севкупното функционирање на високообразованите установи е крајно ограничено. Ова особено се однесува на третманот на резултатите од самоевалуациите – анкетите, кои се задолжителна обврска за студентите, но имаат различен третман од страна на установите.
– Достапноста на наставниците и соработниците за комуникација и консултации со студентите не е секогаш соодветна на потребите. Според изјавите на студентите, се случува наставници и соработници да не овозможуваат консултации надвор од часовите за настава. Треба да се унапреди и пристапот до современа литература во сите области – беше образложено на презентацијата.
Студентите проблемот го лоцираат во немање доволно домашна стручна литература (постари учебници или учебници кои површно ги обработуваат прашањата), немање пристап до современа странска литература, односно бази со книги, научни списанија и истражувања.

Од вчерашната презентација во хотел „Карпош“
Во документот се нудат предлози што би требало да ги подобрат состојбите, онака како што тие се согледани од страна на студентите во македонскиот високообразовен простор. Се забележува дека дел од состојбите се резултат на незаокружената правна рамка на високото образование.
– Иако Законот за високото образование е во сила повеќе од три години, а роковите за основање на државните органи и тела истекоа пред повеќе од две, како и нивните шестмесечни периоди за креирање на правната рамка, во уредувањето на одредени клучни прашања за обезбедување на квалитетот недостасуваат подзаконски акти. Поради нивното значење, тие треба да бидат донесени со учество на пошироката стручна јавност. Важно, а нерешено прашање, е и системот на финансирање на високото образование – покажуваат истражувањата.
Според студентите на државните универзитети, државата треба да ја преземе и доследно да ја реализира обврската за унапредување на инфраструктурата и создавање просторни можности и ресурси за непречено одвивање на високообразовниот процес. Во поглед на универзитетите/факултетите, се потенцира важноста на создавање студиски и предметни програми што ќе овозможат соодветен развој на вештини, преку практична настава и работа, за да се унапредат компетентноста и компетитивноста на студентите на пазарот на трудот.
Студентите укажуваат и на неопходноста на донесување законска рамка што ќе овозможи зајакната положба на студентите во процесите на донесување одлуки. Се даваат и предлози за унапредување на системот на работа на административно-стручните служби и особено за дигитализација на административното работење. Се предлага и значително унапредување на системот за (само)евалуација и вреднувањето на значењето на студентските анкети и искористување на резултатите како основа за подобрување на работата на високообразовните установи и зголемување на квалитетот на високото образование.
– НАкС верува дека релевантите институции и поединци ќе ги земат предвид наодите од ова истражување при градењето на идните јавни политики во образованието – велат експертите.
Покрај овој документ, во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“, НАкС изработи уште два документа: „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“ што ќе биде јавно претставен во недела во 11 часот во хотел „Карпош“ во Скопје и „Присуството во јавноста на академскиот кадар и високообразовните установи и нивното влијание во заедницата“ што ќе биде презентиран на истата локација, на 27 ноември во 11 часот. Проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија.





