Текстовите биле зачувувани на глинени таблици. Една од најстарите откриени таблици од градот Урук
Пишува: Маја Јаневска-Илиева
Првото лично име што се појавува во историјата му припаѓа на сметководител, пишува издраелскиот современ историчар, филозоф и автор, д-р Јувал Ноа Харари во книгата „Сапиенс: Кратка историја на човештвото“. Според него, околу 12.000 години пред нова ера започнува аграрната револуција, кога луѓето од номади формираат постојани населби и почнуваат со обработка на земјата.
„Како што индивидуалните населби прераснувале во градови, а градовите станувале империи, се јавила потребата да се управува со податоците за приходите, имотот и даноците на илјадници луѓе. Ракувањето со многу броеви, за различни работи, не било својствено за тогашните земјоделци. И така за прв пат се јавува потреба за систем што ќе ги чува бројчаните податоци.
Оваа потреба први ја надминале Сумерите од Јужна Месопотамија. Околу 3.000 година пр.н.е. непознатите сумерски гении изумиле начин за чување и обработка на информациите надвор од нивните глави, со помош на запишувањето“, пишува Харари.
Текстовите биле зачувувани на глинени таблици. Една од најстарите откриени таблици од градот Урук има запис: „29.086 мери јачмен 37 месеци Кушим“. Научниците ова го толкуваат како: „Вкупно 29.086 мери јачмен се собрани во период од 37 месеци. Потпис Кушим.“
Научниците уште не можат точно да протолкуваат дали Кушим бил поединец или општ назив за тип на службеник. Знаците од клинестото писмо „КУ“ и „ШИМ“ не се претставени со многу контекст и затоа е тешко да се одреди дали оваа комбинација на знаци означува личност, професија на личноста или цела институција. Но, најверојатно се работи за лично име на службеник кој бил одговорен за прибирање и складирање на јачменот.
До 1993 година пронајдени се вкупно 18 таблици на кои се наоѓаат и знаците Кушим.
На другите таблици е запишано како со јачмен службениците отплаќаат разни задолжувања кои ги евидентира Кушим. Една релативно едноставна сметка покажува наплата на различни количества јачмен на тројца службеници на аверсот, додека Кушим бил заслужен за вкупната сума што им била распределена на службениците на задната страна. На други, покомплексни таблици на аверсот е прикажан внесот на различни намирници (слад, урми, итн.), додека на задната страна е прикажан излезот во различни видови пиво. Друга таблица покажува дека Кушим им обезбедува 14/712 литри јачмен на четворица службеници, како соодветен отпуст.
„Ако археолозите се во право, и Кушим навистина претставува лично име, тогаш првото запишано име во историјата му припаѓа на сметководител, а не на пророк, поет или голем освојувач!“ – вели Харари.
Фото: Извор/Википедија





