Нашиот кандидат за наградата „Оскар“ – „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ќе ја има македонската премиера вечерва во 20 часот во киното „Милениум“ во Скопје. Во присуство на режисерката Стругар Митевска, продуцентката и актерка Лабина Митевска, како и тимот што работеше на филмот, публиката ќе може да го види филмот чија светска премиера беше на фестивалот во Венеција во септември. Од утре во термините од 20 и 22 часот, филмот ќе продолжи на редовен репертоар во „Милениум“.
Во текот на ноември филмот низ светот ќе се прикаже на шест фестивали низ целиот свет, а ќе следува и редовна дистрибуција во низа европски земји. Ноемвриската турнеја ја предводи ексклузивна проекција на филмскиот фестивал во Солун, каде режисерот Теона С. Митевска ќе биде и дел од интернационалното жири. „Најсреќниот човек на светот“ веќе има дистрибутер за киноприкажување во Грција и во 2023 ќе започне да игра во редовниот кинорепертоар.

Од Солун, „Најсреќниот човек на светот“ продолжува во Филмскиот фестивал во Љубљана, Словенија од 9 до 20 ноември каде филмот ќе биде придружен со панел што ќе го води режисерката Теона С. Митевска посветен на пост-југословенската кинематографија. „Најсреќниот човек на светот“ ќе патува и во Франција на Интернационалниот филмски фестивал во Арас кој започнува на 7 ноември и каде ќе биде прикажан во главната конкуренција. Дистрибуцијата во Франција е закажана за 22 февруари 2023.
Во ноември филмот ќе биде прикажан и на Авторскиот филмскиот фестивал во Србија, како филм кој ќе го затвори фестивалот, а режисерката Митевска ќе го предводи интернационалното жири, по што веднаш следува Филмскиот фестивал во Атина и Интернационалниот филмски фестивал во Керала, Индија.





