Двата главни ликови се маестрално одиграни од сараевската актерка, Јелена Кордиќ-Курет и од артистот со богато телевизиско и филмско портфолио, Аднан Омеровиќ.
Пишува: Тони Цифровски, Македонско радио
Во 2011 година холивудската ѕвезда Анџелина Џоли не знам како и од која причина се најде повикана да се пикне во кожата на филмаџија достоен да се втурне во филм(ско толк)ување на босанскиот конфликт, режирајќи го катастрофалното остварување „Во земјата на крв и мед“. Признавам, чувството на непријатност за чепкањето „од страна“ на раните кои се’ уште болат на сите поранешни југословенски простори, ми се појави при најавата дека шестиот игран филм на Теона Стругар Митевска (по Како убив светец, Јас сум од Титов Велес, Жената што си ги избриша солзите, Кога денот немаше име и Господ постои, името и’ е Петрунија“), ќе не’ наврати на нештата кои иако сакаме да ги заборавиме, не смеат да не се запомнат.
Едноставно, дали по многуте потресни дела – од, на пример, „Грбавица“ на Јасмила Жбаниќ или „Ничија земја“ на Данис Тановиќ, можеме да извлечеме уште некоја поука и порака од напатеното босанско битисување. За среќа, новиот филм во нагорното творечко созревање на Теона Митевска нуди доволно аргументи „за“. А и кој да знае(л), дека премиерата, за жал, не можеше да се случи во посоодветно терминирано полудено опкружување во глобални рамки…

Уште еднаш, во сценаристички рамки Теона е потпомогната од својата босанска колешка Елма Татарагиќ („Снег“, „Рабови“…), која овој пат споделува своја вистинска приказна. Асја е 40-годишна жена која живее во Сараево. Таа го запознава Зоран, 43-годишен банкар, на настан организиран од Агенција за запознавање. Но тој таму не е во потрага по љубов… Низ прашањата и игрите во рамките на дружењето, се одмоткува клопчето на тајните на двата главни ликови, маестрално одиграни од сараевската актерка, членка на Хрватскиот народен театар од Мостар, Јелена Кордиќ-Курет (во чија филмска биографија се и за Оскар номинираниот „Кво Вадис, Аида?“ на Жбаниќ или наградуваниот „Снег“ на Аида Бегиќ) и од артистот на Народниот театар од Тузла со богато телевизиско и филмско портфолио, Аднан Омеровиќ. Во другите улоги настапуваат Ксенија Маринковиќ од Хрватска, босанските актери Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Ќемал Ризвановиќ, како и нашите Лабина Митевска, Ана Костовска, Николина Кујача, Фирдаус Неби, Зорица Нушева,…
Со секоја следна заедничка соработка, се’ повеќе како тандемски ефект се постигнува целта на соработката на Теона со белгиската кинематограферка Виржини Сен Мартин (наградена на ИФФК „Браќа Манаки“ за работата токму на филмот „Јас сум од Титов Велес“ на Митевска). Нејзиното око зад камерата ги доловува нијансите во аглите на кадрите и играта со светлината во градењето на посакуваната атмосфера, за што посебна заслуга во обезбедувањето динамика има и данскиот монтажер Пер К. Киркегаард. Успешна е и работата на кореографката Рисима Рисимкин кога градацијата или на два пати прекршувањето во дејството (на интензитет или „ослободување“) ги обезбедуваат токму танцовите сцени. За сценографскиот ефект на филмот е заслужен третиот член на нашето филмско семејство Митевски, Вук.
Македонскиот кандидат за „Оскар“ за 2022 година предупредувачката порака за последиците од лудилото на војната кои се протегаат децении по некој конфликт, ја донесува во една безмалку камерна театарска атмосфера што никого нема да остави рамнодушен.





