Седмиот Медиумски фестивал Скопје ќе биде отворен вечерва во 19 часот во Кинотеката на Македонија. Прва содржина е дискусија за новинарството посветено на следење корупција и теми поврзани со доброто владеење во различни земји на Балканот. Колку овие приказни имаат влијание во јавноста? Дали реалноста се менува со известување за овие важни прашања? Која е смислата на квалитетното новинарство во борбата против корупцијата? Модератор ќе биде Марија Митевска, а учествуваат: Бранимир Брадариќ, Линдита Села, Милица Војиновиќ, Влатко Стојановски.
Наградуваниот бугарски филм „Лекциите на Блага“ на Стефан Командарев ќе биде првиот филм што ќе биде прикажан во 20 часот. Во оваа морничава и напната драма пензионираната професорка Блага станува жртва на телефонска измама заради која останува без животната заштеда, по што добива примамлива, но сомнителна понуда за работа.

Вториот фестивалски ден започнува со претставување на хрватскиот новинарски фестивал „Медиуми во времето“ (Media in Time) кој се одржува во Винковци. А по дискусијата за предизвиците на младите новинари во денешната медиумска средина кај нас, ќе се прикажат и два кратки документарни филма потпишани од учесници во Програмата за млади новинари на ПИНА. Во четврток пак, учеснички од Програмата за жени новинарки на ПИНА ќе дискутираат за работата и резултатите од ваквото вмрежување, како и за предизвиците со кои се соочуваат новинарките кај нас.

Медиумскиот фестивал Скопје, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, традиционално нуди и работилници за активни и надежни новинари, годинава посветени на мобилното новинарство и т.н. дата новинарство засновано на анализа на податоци и статистики.
Филмскиот избор на Медиумскиот фестивал Скопје нуди исклучително квалитетни документарни остварувања кои нудат увид во повеќеслојноста на новинарската задача.
На 22 ноември во Котур ќе се прикажуваат „Пластично фантастично“ што истовремено е и темелно истражен приказ на загадувањето со пластика, а и топол филм за човековите судбини и надежи под товарот на микропластиката, и „Под затруено небо“ каде го гледаме небото над Ирак проголтано од токсични пламени поради интересите на големите нафтени компании. Вториот фестивалски ден го затвора „Седум зими во Техеран“ за трогателната судбина на Рејхане Џабари, млада девојка од Иран, но и крикот за правда за жените во Иран и ширум светот.
Знаењето сè уште е моќ, но како што откриваат филмовите закажани за фестивалското затворање, уште помоќен е пристапот до податоци. На 23 ноември во „Котур“ ќе се прикажуваат „Целосна доверба“ за сè понадгледуваното кинеско општество и „Фантомски папагал“ кој ќе навлезе во темата за личните податоци од телефоните и компјутерите на „сомнителните“ граѓани.
Целосната програма за седмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје може да се погледне на веб-страницата www.mfs.mk.





