Награди за претстава и режија за „12“ на „5ре“ во Велес, Сашо Тасевски најдобар актер во споредна улога во „Фамилијата Адамс“

Наградата за најдобра претстава ја освои „12“ на Македонскиот народен театар, а режисерот Синиша Евтимов ја доби наградата за режија. За овие и останатите награди, одлучи жирито во состав: Александар Георгиев, Александар Ивановски и Миле Вратеовски.
12“ е претстава која ја освои публиката со својата длабока емоција, маестрална режија и неверојатна актерска игра. Претставата носи силни и актуелни теми, а изведбата ја надмина секоја очекувана граница, со својата интензивна енергија и емоционален интензитет, стои во образложението.

Под режисерската магија на Синиша Евтимов, „12“ прерасна во моќна сценска експлозија – претстава што провоцира, размислува и не остава рамнодушни, вели жирито.
– Со прецизност, страст и длабоко чувство за ритам, динамика и човечка природа, Евтимов успеа да создаде дело што говори гласно – за општеството, моралот и одговорноста. Оваа режија не само што го водеше ансамблот кон извонредна изведба, туку и ја обликуваше сцената како простор на вистина, судир и катарза. Со „12“, Синиша Евтимов уште еднаш докажа зошто е еден од највлијателните и највпечатливите режисери на македонската театарска сцена, стои во образложението.

Наградата за најдобра актерка ја доби Зорица Панчиќ за улогата во „Госпоѓа министерка“. За најдобар актер е прогласен Александар Крстиќ за улогата во „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, во продукција на Народно позориште Ниш.

– Со исклучителна сила, длабочина и актерска прецизност, Зорица Панчиќ ја обликуваше улогата на госпоѓа министерка со што ја освои сцената и срцата на публиката. Нејзината изведба беше моќна, вистинита и човечка – демонстрација на актерска големина што се чувствува и без зборови. Оваа улога ќе остане врежана во историјата на фестивалот – како сведоштво за уметничкиот врв што го достигнува актерството кога едно нешто е направено со толку страст и љубов.

– Неговата улога ја освои публиката – докажувајќи дека актерската уметност може да биде и силна, и ранлива, и вистинска во секој здив – стои во образложението за Крстиќ.

Наградата за најдобра споредна женска улога освои Марија Новак во претставата „Секс, лаги и љубомора“ на Народен театар Охрид. За најдобра машка споредна беше награден Сашо Тасевски за улогата во „Фамилија Адамс“ на Драмски театар од Скопје.

– Марија ја обликуваше својата улога со толку природност, харизма и прецизност, што нејзиното присуство на сцената не можеше да остане незабележано. Со вештина што извира од љубовта кон театарот, таа ѝ подари на публиката моменти полни со емоција и смеа – и уште еднаш потврди дека секоја улога, без разлика на нејзината големина, може да остави траен впечаток.

– Сашо Тасевски, со неговиот хумор, енергија и актерска виртуозност, ја донесе една од најзначајните улоги во оваа претстава. Неговата игра ги плени сите сетила, одржувајќи баланс меѓу забавата и длабоките емоции што го носат со себе карактерите од оваа комедија.
Најдобра претстава од публиката е избрана „Покојник“ на Црногорското народно позориште.

Со громогласен аплауз, бурни реакции и преполна сала, публиката даде јасен глас – „Покојник“ беше претстава што се чувствуваше насекаде. Мешавина од хумор, трагика и длабока човечност, маестрално изведена од актерската екипа, претставата ја освои театарската сцена и остави траен впечаток во срцата на сите присутни.

Сподели