Со премиерната изведба на операта „Набуко“ од Џузепе Верди, вечерва во 20 часот во Националната опера и балет ќе започнат 51. Мајски оперски вечери. Речиси една недела пред почетокот, влезниците за оваа опера беа распродадени. Исто така нема веќе карти и за балетот „Лебедово езеро“, што е на програмата на фестивалот на 12 мај.
„Набуко“ последен пат била обновена пред 20 години, а на редовниот репертоар последен пат била изведена на 7 декември 2017.
Вердиевата опера во НОБ ја постави екипа од Италија: Ренато Бонајуто како режисер и Тереза Гаргано како асистентка, Флавио Арбети како сценограф, и Артемио Кабаси како костимограф. Ќе диригира Даниеле Аџиман исто од Италија.
Според диригентот, „Набуко“ е една од најсложените италијански опери. Авторската екипа рече дека станува збор за класична поставка, и дека какво било интервенирање или модернизирање, ќе биде непочитување кон творештвото на Верди.

Мајските оперски вечери ќе траат до 31 мај. На програмата ќе бидат и: операта „Кармен“ на Жорж Бизе (17 мај), „Травијата“ од Верди (21 мај)“, Реквием“ од Верди, каде што ќе свири Филхармонијата и Хорот на НОБ (26 мај) и „Аида“ за свеченото зтаворање.
Со „Реквием“ на Верди ќе се одбележи и јубилејот 210 години од неговото раѓање.
Како центар на музичко-сценските случувања во целиот регион, „Мајските оперски вечери“, за сите нас, вљубеници и поклоненици на најкомплексната и најсложена уметничка форма – операта, претставуваат момент на духовно задоволство и премин во друга димензија, вели директорот Васо Ристов.
– Сите заедно, Вие, како публика, а ние како изведувачи, со нетрпение го исчекуваме кревањето на завесата и впловувањето во музичко-драмските креации, напишани од перата на најистакнатите претставници на музичката литература. Како и секогаш, така и оваа година, содржината на фестивалската програма ја сочинуваат највисоките дострели на светската оперска и балетска уметност. Во тој контекст, овогодинешната концепција е проткаена со тематската линија на одбележувањето на 210 години од раѓањето на еден од најзнаменитите оперски композитори, големиот маестро Џузепе Верди. Врамени помеѓу две негови грандиозни оперски дела, „Набуко“ на отворањето и „Аида“, традиционално на затворањето, 51. „Мајски оперски вечери“ на сцената ќе ги донесат и романтичната трагедија „Травијата“, како и монументалното вокално- инструментално дело „Реквием“, овој пат, во соработка со оркестарот на Филхармонијата – вели Ристов.





