„На отворено море“ на Битолскиот театар во Бјалисток: Брилијантно, апсурдно и актуелно во исто време!

Претставата „На отворено море“ во изведба на Народниот театар од Битола, во режија на Благој Мицевски, завчеравечер ја воодушеви публиката на фестивалот Direction East во Бјалисток, Полска. Претставата е работена според делото на Славомир Мрожек, а во истата играат: Марјан Георгиевски, Никола Пројчевски, Живко Борисовски, Васко Мавровски и Петар Спировски.

„Беше брилијантно, апсурдно и актуелно во исто време“, истакнуваат од фестивалот. Меѓу бројната публика беше и македонскиот амбасадор во Полска, Јасмин Ќахил.

Драматург на претставата во која се поставува за тоа каде е човештвото денес, е Оливера Павловиќ. Костимографијата е на Благој Мицевски, сценографијата на Валентин Светозарев, музика Александар Димовски, светло Игор
Мицевски, видео Владимир Переловски, дизајн на рекламен материјал: Сашо Илковски. После изведбата следуваше разговор со екипата на претставата и публиката.

Фотографии: Бартек Варзеча

Сподели