Музика, уметност и гастрономија викендов на „Запознај ја Преспа“

Од 23 до 25 јуни, тромеѓето на Преспанското Езеро по петти пат ќе биде место што ќе ги спои музиката, уметноста, традицијата и гастрономијата за иден развој на туризмот во овој регион. Фестивалот има разновидна програма која опфаќа гастрономија, еко уметност, работилници, презентации за туризам и презентирање на грантова програма на Европската Унија за овој регион. Фестивалот почнува во селото Брајчино, сместено на падините на Пелистер, а оддалечено само неколку километри од езерото, каде уметникот Никола Узуновски подготвува изложба и екоарт инсталации во природа.

Своја презентација ќе имаат и уметнциите: Доротеј Нешовски, Неда Дамчевска, Грегорис Миргиотис, Ива Станковска, Душан Стефановски, Јана Николовска, Јована Марковска и Ардијан Ајдиниy. На мостот во Брајчино, Мирко Попов ќе има свој сет со винили.

Во Крани е планирана работилница за перспективите на Преспа како туристичка дестинација, туристички работици и производители на локални продукти од Македонија, Албанија и Грција ќе разговараат за потенцијалите и потребите. На плажата Дупени во сабота од зајдисонце до изгрејсонце ќе настапат 16 диџеи од тите земји.

Во недела, фестивалот завршува со посета на селото Љубојно каде презентација на европскиот фонд за Преспа EU4Prespa ќе направат Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски интеграции , Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ и Јован Тозиевски, градоначалник на Општина Ресен.

Сподели