Под мотото „Човечка интеракција“, ова лето Градскиот парк во Битола повторно ќе пулсира во ритамот на музиката, уметноста и заедништвото. Утревечер и на 23 август ќе се одржи 4. издание на музичкиот фестивал „Парко“, кој ветува два дена исполнети со летна магија, дружење и инспиративни креативни активности.
Фестивалот ќе донесе настапи од врвни артисти: DJ Iron Curtis (Германија), Lufthanza, Bon Praskiza & Donpleya, Herzel, Dejan Dex, Berryqyat, Joss, Martina Peneva, Chiko и Fichi, како и бројни локални изведувачи во рамките на офф-програмата. Покрај музичките перформанси, фестивалот нуди и богата дополнителна програма.
Во петок програмата започнува во 10:30 часот со еко-уметничката работилница која вклучува креирање скулптури од рециклирани материјали и галериска поставка со фотографии. Ќе има и Пазар на винтиџ мода „Агол за размена“ за посетителите, кои ќе можат да разменуват облека. А во аголот Вандалиск Тату ќе има простор за фестивалски и уметнички тетоважи.
Во сабота програмата започнува во 13 часот со изложба од изработените скулптури. По што, следат „Микроскопски интеракции“ каде ќе се набљудуваат клетките, алгите, микроорганизмите и хлоропластите. Потоа следи „Редбул“ пинг-понг натпревар.
Детската програма годинава предвидува интерактивни игри за едукација и заштита на животната средина, како и работилницата „Царството на шаторите“ од студентите биолози од ПМФ – Скопје. Недела, меѓу другото е ден за пикник, друштвени игри, кино на отворено и караоке.





