„Мравки“ – новиот проект на Марјан Гавриловски промовиран во Талин

Филмскиот проект „Мравки“ кој е поддржан од Агенцијата за филм, беше претставен на маркетот за копродукција Industry Tallinn & Baltic Event што се одржува во рамките на Талин блек најтс филм фестивал во Естонија. На овој фестивал што заврши на 17 ноември, Македонија беше една од земјите во фокус годинава.

„Мравки“ е социјална комедија со примеси на драма во режија на Марјан Гавриловски, а во продукција на Ромир Јакупи од „Тајм лапс продукција“ и ќе почне да се снима наредната година. Претставници на проектот во Талин беа режисерот Марјан Гавриловски и актерот Никола Кузелов кој ќе игра една од главните улоги во филмот, а воедно се потпишува и на сценариото.

Сценариото „Мравки“ досега има освоено три награди за најдобро долгометражно сценарио на Golden Wheat Awards, Brno Film Festival и Bratislava International Film Awards.
Приказната ги следи Ѕвонко и Дамјана, инспектор пред пензија и травестит кои се здружуваат за да разрешат случај на убиство, по што започнуваат непредвидлива и динамична авантура.

По независните остварувања „Јавачи на коњи“ и „Te Dua, жими мене“, ова е прв проект на режисерот Гавриловски поддржан од Агенцијата за филм.

Сподели