МОН: Семејствата на повредените можат да ги користат услугите на студентските домови

Семејствата на повредените од несреќата во Кочани кои во моментов се наоѓаат во Скопје, можат да ги користат услугите за сместување и исхрана на повеќе студентски домови, соопшти Министерството за образование и наука. На располагање се: студентскиот дом „Гоце Делчев“ во општина Карпош, „Томе Стефановски – Сениќ“ во Гази Баба, ученичкиот дом во рамки на државното училиште за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“, исто така во Гази Баба, студентскиот дом „Пелагонија“ и на ученичкиот дом во рамки на државното училиште за образование и рехабилитација „Димитар Влахов“, двата во Кисела Вода.

– Во овие моменти на заедничка жалост да се здружиме и заеднички да покажеме колку сме хумани. Секој кој може на каков било начин да помогне, да го стори тоа, затоа што така на најдобар начин ја покажуваме почитта кон оние што ги погоди оваа голема трагедија. Длабоко сочувство до семејствата на починатите. На повредените млади луѓе им посакуваме што поскоро закрепнување. Како Министерството, подготвени сме да пружиме поддршка таму каде што е потребно – велат од Министерството.

Сподели