Поддршка за 7. Балканска олимпијада по физика за средношколци што ќе се одржи во Македонија ќе даде и Министерството за образование и наука. Од МОН велат дека ќе се водат според измените и дополнувањата на Законот за средно образование, кој предвидува 10 отсто од вкупниот буџет потребен за реализација на меѓународен натпревар во земјава, но сумата не може да изнесува повеќе од 10.000 евра.
– Ќе ја поддржиме 7. Балканска олимпијада по физика за средношколци со 170.000 денари, односно 10 отсто од предвидената сума – велат од МОН за Умно.мк.
Друштвото на физичарите на Република Македонија го организира натпреварот што ќе се одржи од 26 до 30 јуни во Охрид.Ќе учествуваат средношколци од 17 земји од Европа и Азија. На олимпијадата ќе се натпреваруваат 65 ученици од Македонија, Србија, Црна Гора, Романија, Молдавија, Грција, Кипар, Бугарија, Албанија, Турција, Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Киргистан, Казахстан и Туркменистан.
ДФРМ е акредитирано научно здружение кое со години ги подготвува натпреварите по физика во земјава и учеството на нашите ученици на светските натпревари. Тие деновиве отворија линк за донација преку платформата GoFundMe.com за да најдат начин да обезбедат пари и да ја организираат олимпијадата во најдобро светло пред светот.
(В.И.И.)
Насловна фотографија: Од 4. Балканска олимпијада по физика / Извор: ДФРМ





