Кумјана Новакова за филмот „Молкот на разумот“ ја доби престижната „Меѓународна филмска награда за човекови права“ на Нирнбершкиот филмски фестивал за човекови права. Наградата ѝ беше врачена во Нирнбершката куќа на филмот. За наградата одлучуваше меѓународното жири составено од Дамиен Оунури, Фарахназ Шарифи и Борјана Гаковиќ. На врачувањето на наградите, од жирито изјавија:
– Едногласно одлучивме да ја доделиме наградата на филмот, кој претставува и кинематографско и историско дело на правдата. Го трансформира екранот во споменик, каде што невидливото повторно станува видливо и каде што секој фрагмент од сведоштвата стануваат чин на отпор.
Преку прецизна, точна и поетска форма, филмот ги реконструира сведоштвата на босанските жени жртви на систематско силување и сексуално ропство за време на војните во Југославија – жени чии имиња биле избришани, но чии гласови сè уште одекнуваат. Филмот нè потсетува дека признавањето на силувањето како оружје на војната и како злосторство против човештвото дојде преку храброста на овие жени и неуморната работа на оние кои ги документирале доказите. И денес, овој филм ја продолжува таа борба – велат тие.

Кумјана Новакова / Фото: Uwe Niklas
Комисијата ја поздрави уметничката извонредност на авторката, прецизноста на нејзиното истражување, јасноста на филмската монтажа, звучниот дизајн што носи и ужас и достоинство, и оригиналниот визуелен јазик што наоѓа соодветен начин да го претстави ужасното насилство и да нè соочи со вистината.
– Овој филм не е само за минатото. Станува збор за нашата колективна одговорност денес, да се сеќаваме, да сведочиме и никогаш да не молчиме. Затоа што не можеме да прифатиме дека во војните низ целиот свет, телата на жените продолжуваат да се користат како бојни полиња – вели жирито.
Од 2001 година Нирнберг е прогласен за град на мирот и човековите права, така славејќи го наследството од Нирнбершките процеси без кои не би биле замисливи Судот за воени злосторства на ОН за поранешна Југославија (1993-2017), Трибуналот на ОН за геноцидот во Руанда (1994-2016), како и Меѓународниот кривичен суд во Хаг (од 2002).
Меѓународниот филмски фестивал за човекови права во Нирнберг е најголемиот и најважен филмски фестивал за човекови права во Германија. Оваа година Меѓународната натпреварувачка програма на фестивалот во која беше селектиран и „Молкот на разумот“ оваа година вклучи вкупно 7 меѓународно признати авторски филмови од целиот свет.
„Молкот на разумот“ на Новакова освои повеќе од 25 меѓународни награди, меѓу кои наградите за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најдобар меѓународен филм на Синема ду реел во Париз, Гран при на Пунто де виста во Шпанија, најдобар среднометражен филм на ХотДокс во Канада, како и регионални награди во сите земји на поранешна Југославија. Филмот е прикажан на сите светски континенти, односно на повеќе од 50 меѓународни фестивали, музеи, и културни и уметнички иницијативи.
Насловна фотографија: Uwe Niklas





