МОК ќе го награди Георгиевски со 10.000 евра и стипендија од 1.000 долари месечно до Париз 2024

Македонскиот олимписки комитет ќе го награди вицешампионот Дејан Георгиевски со 10.000 евра и стипендија од 1.000 американски долари. Ова е максималната стипендија што МОК може да ја обезбеди, а Георгиевски ќе ја добива до наредните Олимписки игри што ќе се одржат во Париз 2024 година.

– Олимпискиот комитет кој и досега севкупно ги финансираше сите подготвителни активности на таеквондо репрезентативците на најпрофесионален начин, има задоволство дополнително да даде и финансиска награда за најзаслужниот за овој извонреден успех кој е круна на повеќегодишната систематска работа на стручниот штаб сесрдно поддржан од Олимпискиот комитет – соопшти МОК.

Георгиевски претходно доби парична награда од Владата (20.000 евра) и Агенцијата за млади и спорт (10.000 евра).

Олимпиецот пред неколку часа пристигна на скопскиот аеродром. Тој им се заблагодари на сите што дојдоа да го пречекаат. Вечерва на скопскиот плоштад од 19.30 часот ќе има прослава.

– Ова не е само мој успех, ами е за цел народ во Македонија!

Сподели