Македонски народен театар и Националниот театар на Унгарија од Будимпешта неделава потпишаа договор за соработка при посета во унгарскиот главен град. На средбата присуствуваа директорот на МНТ, Никола Кимовски и режисерот Дејан Пројковски. Идејата е да се реализираат заеднички проекти и размена на претстави од двата театри.
Договорот вклучува реализирање и размена на претстави, уметници и идеи, како и зајакнување на соработката за нови театарски проекти. Во рамките на оваа соработка, двете институции ќе организираат заеднички настапи, размена на уметнички тимови, учества на фестивали, како и други културни настани што ќе го збогатат театарскиот живот во двете земји. Меморандумот има за цел да ја зајакне меѓународната размена и промовирањето на уметноста и културата на двете земји.
Посебен акцент е ставен на поддршката на млади театарски уметници. Со потпишување на оваа значајна соработка се поставува основа за заедничка работа и унапредување на културната размена, преку која ќе се создадат услови за продлабочување на соработката меѓу нашите две театарски институции.
Една од главните заложби ќе бидат и заедничките европски проекти, со цел преку нашата работа да создадеме нови естетски вредности и креативни искуства.
Како што истакна директорот, Никола Кимовски, веќе се договорени гостувања на МНТ во Будимпешта и гостување на Националниот театар во Скопје. Исто така, тој истакна дека по повод јубилејот „80 години МНТ“, гостин ќе биде директорот на Националниот театар, Атила Видњански со неговите најблиски соработници.





