„Музеи, одржливост и благосостојба“ е темата на традиционалното советување на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) во пресрет на 18 Мај – Меѓународен ден на музеите. Советувањето се одржа денеска во 11 часот во Музејот на современата уметност во Скопје. По обраќањето на министерската за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, присутните ги поздрави претседателот на МНК ИКОМ Благоја Варошанец, а по него и Данијела Трајкова-Крстиќ, секретар на МНК Син Штит и Кристина Бицева, претседателка на ИКОМОС Македонија. По повод одбележувањето на јубилејот – 30 години од основањето на МНК ИКОМ зборуваше Маја Чанкуловска-Михајловска. По излагањата на членови на МНК ИКОМ во однос на темата и состојбите во Македонија, беа доделени традиционалните награди.
– Музеите се клучни придонесувачи за благосостојбата и одржливиот развој на нашите заедници. Како доверливи институции и важни нишки во нашето заедничко општествено ткиво, тие се уникатно поставени за да создадат каскаден ефект за поттикнување на позитивни промени. Постојат многу начини на кои музеите можат да придонесат за постигнување на целите за одржлив развој: од поддршка на климатските активности и поттикнување на инклузивноста, до справување со социјалната изолација и подобрување на менталното здравје – велат од Комитетот.
Според Комисијата за доделување на наградата „18 Мај – Меѓународен ден на музеите“ за особени достигнувања во музејската дејност за 2022 година награди наградени се:
– Музеј на годината – Национална галерија на РС Македонија;
– Музејски проект на годината – Спомен куќа на Мајка Тереза за проектот „Двете рози на Исус“, автор: Цветанка Вучковска – Митовска;
– Музејски работник на годината – Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија.
– Музејски проект на годината за музејските едукации – Наде Костадиновска-Спасеновска од Музеј на РС Македонија.
Пофалници добија:
– Музејски проект на годината на Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија за Проектот „Покривање на постојаната поставка со брајова азбука и знаковен јазик како еден мега проект за инклузивност“;
– Музејски проект на годината на Завод и музеј Битола за проектот „Грло елемент од народна носија“, автор: Наде Геневска Брачиќ;
– Музејски проект на годината – Музеј на РС Македонија за публикување на изданието „Македонски Сокај“, автор: Горданче Видиниќ;
– Музејски проект на годината – Музеј на град Скопје за проектот „Точки на интерес“, автор: Станимир Неделковски;
– Музејски проект на годината – Музеј на РС Македонија за проектите „Гозби за живите, претците, боговите и светците“ и „Повеќе од зборови – Благоја Дрнков во етнолошката музејска архива“, автор Јован Шурбановски;
– Музејски работник на годината – Ирена Ружин од Завод и Музеј Битола и на Климент и Биљана Балеви од Завод и Музеј Охрид.





