Младиот кошаркар Никола Костов најкорисен играч за својата екипа на европски турнир во Романија

Младиот македонски кошаркар Никола Костов (15) настапи на силен турнир на Европската младинска кошаркарска лига (EYBL) во Букурешт, во категорија на играчи до 16 години и ја освои наградата најкорисен играч (MVP) за својата екипа. Костов беше единствен претставник од Македонија на турнирот каде настапи на покана на Budapest Prep Academy, мешана екипа составена од надежни и талентирани играчи од кошаркарски клубови од цела Европа. Поканата е потврда дека и европските кошаркарски експерти ја препознаваат неговата добра игра, талентот и постигнатите резултати на домашен и на европски терен.

Турнирот во Букурешт се организира според форматот на популарната кошаркарска сениорска Евролига и таму настапуваат најдобрите младински екипи од цела Европа. Костов настапи со свои врсници, талентирани млади кошаркари од клубови од Италија, Романија, Англија и други земји. Поради добрата игра, тој ќе учествува и на големото финале на крајот на сезоната во Рига, Латвија.

Костов е член на најтрофејниот кошаркарски клуб во младински категории во Македонија, „Водно Санс“, каде настапува во две селекции (кадети и јуниори) со својот една година постар брат, Матеј Костов и се државни шампиони на Македонија во изминатите неколку сезони во кадетска категорија. Костов беше избран и за најталентиран спортист на општина Карпош за 2023/2024 година, а со училишната екипа освои прво место на државното првенство во училишната лига.

Сподели