Дванаесет бенда на млади музичари ќе настапат на второто издание на фестивалот „Млади за млади“ на летната сцена „Славиша Кајевски“ при Македонскиот народен театар. Настанот ќе започне на 12 јуни, кога ќе настапат Funk Shui и артистката Speysd. Сите средства собрани од влезниците по симболична цена од 300 денари, ќе бидат донирани за лекување на повредените во Кочани, во соработка со Support Koчани. Целата програма ќе се одвива во два викенда.
Фестивалот ќе се одвива со поддршка на Македонски Телеком.
Со овој проект, младите стануваат двигатели на солидарноста: сите средства од продажбата на билетите ќе бидат наменети за Support Кочани, односно за понатамошното лекување и рехабилитација на повредените во трагедијата во Кочани.

– Оваа година доаѓаме со нова енергија и свеж концепт, во соработка со „Стереолаб“, а со поддршката од Телеком го прошируваме опфатот и значењето на настанот. Средствата собрани преку програмата ќе бидат наменети за хуманитарни цели во Кочани – уште еден доказ дека културата може да биде двигател на солидарноста. Изразуваме голема благодарност до Support Кочани, како и до Филип Цветков, којшто го изработи дизајнот за хуманитарната иницијатива. Билетите ќе бидат по симболична цена од 300 денари, што ќе овозможи настанот да биде достапен за што поголем број граѓани – истакна Никола Кимовски, директор на МНТ.
Елена Белевска, лидер на корпоративни комуникации во Македонски Телеком, посочи дека како бренд веруваат дека вистинската поврзаност значи и грижа еден за друг.
– Со поддршката на летната сцена не само што вложуваме во културата и креираме искуства за младите, туку им даваме и можност непосредно да им помогнат на своите врсници од Кочани. Со гордост сме спонзори на овие настани од хуманитарен карактер, каде младите не само што ја слават креативноста, туку придонесуваат и за доброто на заедницата“ – истакна Елена Белевска, лидер на корпоративни комуникации во Македонски Телеком.

Летната сцена оваа година претставува одлична можност да им се даде шанса на млади музичари да се претстават пред јавноста и да го добијат вниманието кое го заслужуваат, истакна Дарко Јорданов, уредник на „Стереолаб“.
-Симболичната цена за слушање на два бенда во истата вечер сметаме дека е прифатлива за секого и дека ќе ги охрабри луѓето да дојдат и да го поддржат звукот на новата генерација. Оваа можност многу им значи на младите уметници, да добијат прилика да бидат чуени пред поголема публика“, изјави Дарко Јорданов, уредник на Стереолаб.
Летната сцена „Славиша Кајевски“ премиерно беше отворена минатата година, како посвета на прерано починатиот актер на МНТ. Таа ги обединува музичарите и сите други уметници со публиката на летната тераса покрај Вардар. Шестдневната програма на летната сцена е во рамките на одбележувањето „80 години Македонски народен театар“.





