Млади луѓе од регионот на конференција во Охрид

„Патишта до млади, мир и безбедност и жени, мир и безбедност: Регионални перспективи, искуства и знаења“ е насловот на регионалната конференцијата која ќе де одржи денеска и утре во хотелот „Белви“ во Охрид. Ќе учествуваат млади луѓе од регионот, претставници на централните и локалните власти, младински совети, здруженија и мрежи. Тие ќе дискутираат и разменат најдобри практики, искуства и знаења за агендите за Млади, мир и безбедност и Жени, мир и безбедност.

Цел на конференцијата е да послужи како платформа за стратешка координација. Покрај младите луѓе, на конференцијата ќе присуствуваат претставници од семејството на Обединетите нации (ОН), како и од други донатори и меѓународни организации.

Конференцијата ќе ја отворат Фатмир Лимани, Министер за социјална политика, демографија и млади, Рита Колумбија, постојан координатор на ОН, Афродита Шаља, раководител на канцеларија на УНФПА и Ана Чернишова, заменик претставник на УНДП. Оваа конференција го означува почетокот на втората фаза на заедничкиот регионален проект на ОН „Младите за инклузија, еднаквост и доверба“, кој се фокусира на овластување на младите да водат позитивни промени и да ја зајакнат социјалната кохезија во општествата и заедниците во кои живеат низ регионот.

На овој проект, заедно УНДП, УНФПА, УНЕСКО, UN Women и релевантни партнери од јавниот сектор, медиумите, граѓанското општество, академијата и културата работат со младите за зголемување на разбирањето и почитта кон различностите во регионот, финансиски поддржано од Фондот за мироградба на Генералниот секретар на ОН.

Сподели