Министерство за култура: Нема да финансираме турбо-фолк концерти

Министерството за култура ги стопира одобрените 153.000 денари на Здружението за културни и уметнички дејности „Џој Фест“ од Крива Паланка, зашто во предлог-програмата не навеле дека на предвидениот настан ќе настапи и турбо-фолк пејач од Србија. Парите биле одобрени во рамките на годишната програма за култура.

– Кога ги објавивме резултатите од конкурсот во февруари годинава, појаснивме дека предност имаат проекти кои промовираат култура, посебно на домашните уметници. Здружението за културни и уметнички дејности „Џој Фест“ од Крива Паланка годинава добија 153.000 денари од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес. Но, поради непочитување на критериумите и вметнување на турбо-фолк пејач во програмата, тие нема да ги добијат овие средства – соопштија од Министерството за култура.

„Џој фест“ е еден дел од манифестацијата „Кривопаланечко културно лето 2022“ која ја организираат Општина Крива Паланка, Градскиот музеј и Центарот за култура, во соработка со повеќе локални здруженија од областа на културата и уметноста. Програмата е финансирана од Општината, Министерството за култура и останати поддржувачи. Манифестацијата почна на 20 јуни, а ќе трае до 29 август. Музичкиот фестивал „Џој фест“ е дел од манифестацијата, закажан за 27 и 28 август на градскиот плоштад.

Сподели