Изложбата едноставно насловена „Милка Ефтимова“ вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на македонската борба за самостојност. Преку изложбата музејот ексклузивно промовира дел од личните предмети кои се донација од професор Милка Ефтимова, оперски и концертен уметник, алт и мецосопран, певица, доајен на Македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот.
Изложбата ќе ја отворат директорката на музејот, Даниела Николова и Александар Трајковски. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.
Ефтимова отпеала четириесет оперски улоги, многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби. Таа повеќе од 1.200 пати застанала на оперската и концертната сцена, во дваесетина земји низ светот. Од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен на 6 ноември 1991 година.
Била редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип. Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св.Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги на Република Северна Македонија (2022).





