Микрофестивал в сабота во „Бостание“

„Градини на заедништвото“ е темата на годинашниот микрофестивал „Бостание“ што ќе се одржи в сабота (20 септември) во 14 часот во истоимената општествена градина во Скопје. Настанот го организира „Зелената арка“ и нуди разновидни образовни и забавни активности, наменети за сите возрасти. Почнува во 14 часот и ќе трае до вечерните часови, со работилници, готвење, изложба и музичка програма.

Програмата почнува со отворање на изложбата „Мала архитектура во природа“ од Студио 3, при Архитектонскиот факултет од Скопје. Следува прошетка низ градината. Терминот од 15 до 15.30 часот е за „Мама(ми)чита градинарски приказни“. До 18 часот, ќе се готви храна со разни плодови од градината, а годинава гостин е шефот Марк и неколку негови ученици.

Следуваат работилници за креативно рециклирање, за слатките зачини во градинарството, за компостен чај според методот на д-р Илејн Ингам, за печат со „Партизанска штампа“.

Во рамките на музиучката програма ќе настапат: Ишџан Твин, Eyes of Wonder, Чалгија саунд систем, Јордан Костов квартет, Vico – StereoHemia Records. Настанот е поддржан од International Visegrad Fund и е отворен за сите.

Сподели