„Чистата вода е движечка сила, носечки ресурс за луѓето и за природата, но е клучна и за економијата, односно за земјоделието. Струмица е регион каде многу бизниси одгледуваат храна, којашто освен на домашниот пазар, се извезува и во Европа. Проекти како оваа пречистителна станица даваат значаен придонес за тоа што се произведува, да има соодветен квалитет“, рече евроамбасадорот Михалис Рокас при посетата на Струмица.
Тој зборуваше за поддршката што Европската Унија ја обезбедува за развојот и за напредокот на општината и за најразличните можности што се отвораат со евроинтеграциите. Рокас се сретна со градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов и дискутираше на различни теми со општинските советници.
Тој се запознае со работата на Пречистителната станица за фекални и отпадни води во Струмица. Објектот што работи во рамки на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ од Струмица, беше изграден со финансиска поддршка од 6,5 милиони евра од ЕУ.

– Европската Унија, меѓу другото, подготвува и стратегија за отпорност на водите. Политиките на ЕУ целат кон заштита на природата и биодиверзитетот, минимизирање на ризиците за човечкото здравје и транзиција кон циркуларна економија. Едноставно, иднината на секоја земја е тесно поврзана со одржувањето чиста животна средина – изјави Рокас.
Во пречистителната станица пристигнуваат од 350 до 400 кубика фекални и отпадни води од физичките и од правните лица во Струмица, а излегуваат од 280 до 300 кубика чиста вода. Процесот на обработка се придржува до европските стандарди. Дополнително, пречистителната станица е разубавена и со мурали од уметниците Ване Костуранов, Марјан Димиќ, Блаже Атанасов, Драган Китановски-Драш и Филип Конески.
За ја поддржи земјата при воспоставувањето и одржувањето чиста животна средина, отпочнати се процеси за изградба на пречистителна станица и во Тетово. За североисточниот и за источниот регион, пак, во план е изградба на прва регионална депонија. За овие два проекта ЕУ вкупно ќе одвои околу 70 милиони евра.





