Во песните на Михаил Ренџов сè си е на своето место, оти се чувствува искреноста на поетскиот здив. Во нив нема ни одвишен слога, а не пак збор. Јас не пишувам, јас издишувам – вели поетот
Пишува: проф. д-р Владимир Мартиновски
Мојата книга не ја напишав јас
Туку таа ме напиша мене
И се распадна во честички воздух.
Михаил Ренџов, „Книга“
Секој што пишува или чита поезија, порано или подоцна, чувствува дека писмото се проникнува со животот на творецот. Но, ретко кој поет може со таква сигурност да каже дека таа ме напиша мене, како што е случајот со творештвото на Михаил Ренџов (1936-2024). Станува збор за огромен поетски опус: и по бројот на поетски првообјави и по обемот на поетските избори и по критичката валоризација и по меѓународната рецепција. Се работи за опус кој зазема високо место во развојот на современата македонска поезија, како со поетичката доследност и стамен континуитет (од шест и пол децении поетска актива), така и со својата исклучителна разновидност и разнообразност во поглед на лирските видови кои ги негува овој даровит автор. Ренџов е редок творец, кој успева да биде препознатлив во сите етапи од творештвото, а притоа да ја зачува свежината и оригиналноста во сите негови поетски потфати.

Книжевниот опус на Ренџов е безмалку целосно во знакот на поезијата, но неговото творечко перо е успешно и во препејувањето и во прозата. Ренџов е прекрасен спој на она што се нарекува „роден” и „учен” поет: неговата поетска дарба и хиперсензитивен лирски хабитус се чувствува во секој стих и во секоја песна. Неговото суштинско надоврзување на македонската поетска (и фолклорна и авторска) школа, но и на повеќе поетски традиции е длабоко творечки и органски проникнато. Тој е автор на дваесетина исклучителни поетски книги, создавани во интервал поголем од половина столетие. Насловите на неговите книги ни нудат битни пунктови од неговата поетика: Иселеник на огинот (1965), Ноќно растење на зборот (1967), Каде од оваа страна (1968), На работ од сонот (1969), Збор и бол (1972), Страв (1976) Полноќ (1979), Нерези (1982), Аутодафе (1985), Феникс (1987), Земја. Потоп (1991), Шпил 33 (1994), Амфора (1995), Вечната бесконечната (1996), Јас. оксиморон (1998), Псалми, (2000/2005), Врвот, реката, морето (2003), Галичица (2007), Ракопис – душопис (2011), Издишки (2013), Окарина (2015) и Јас. Елегии (2017), Зраци (2023)…

Во поетскиот опус на Ренџов се вбројуваат и трите вдахновени поеми: Тој, (лирска поема, 1993), Апокалипса, (драмска поема, 2002), Предвесница (2009), две книги поезија за деца Сонување патување (1991) и Ангела сонува (1998), а досега единствената прозна книга е Раскази за Захариј (2004). Сите дела на Ренџов од критиката се препознаени како оригинални и високи творечки дострели, па затоа се овенчани со дваесетина престижни награди, од кои некои М. Ренџов заслужено ги добива и повеќекратно, како наградата „Браќа Миладиновци”, или, наградата за поема „Глигор Прличев”.
Поетиката на Михаил Ренџов има неколку носечки стамени столбови, имплицитно навестени во добар дел од насловите на неговите стихозбирки. Кога би требало со неколку зборови да асоцираме на поетиката на Михаил Ренџов, барајќи ги „клучните зборови”, во кои би се сумирал неговиот опус, веројатно како неодминливи зборови би се наметнале следниве: духовно, вечно, бесконечно, Нерези, псалм, сонет, елегија, оксиморон, музика, слика…
Михаил Ренџов е поет со природна дарба и истенчен усет за елиптичниот поетски израз: во неговите песни од сите фази на творештвото е невозможно да се најде ниту еден излишен збор. Тој пее дур дише и дише дур пее. Неговото пеење е едновремено загадочно асоцијативно и заносно музикално. Неговата песна (во сите облици и варијанти) е тесно поврзана со беспрекорното следење на поетскиот здив и со ритмичките устројства на исказот.

Ренџов е смел поет, кој успева да ја накалеми својата оригинална поетика и кога се искажува преку кратки канонизирани поетски облици на кои им приоѓа со личен печат (псалм, сонет, елегија, лирска минијатура), но и кога пее и во поекстензивни поетски облици, како што е поемата. Во поетиката на Михаил Ренџов е воспоставен редок баланс меѓу значењето и звучењето на поетската реч, кој е еден од идеалите на сонетната форма. Има нешто исклучително архаично, орфејско во неговото творештво, кое нè враќа на мугрите на поезијата, кога таа била неразделна од музиката и кога било незамисливо поетот да не е и музичар.
Пол Верлен велеше дека во вистинската поезија мора да има секогаш и повеќе музика. Природно надоврзувајќи се на романтичарско-симболистичкиот идеал, поезијата на Ренџов е и музика, од неколку аспекти. Без разлика дали пее за сакрални теми, како што се неговите блескави псалми или, пак, оригинално ја ползува сонетната форма, Ренџов е поет кој обилно ги овоплотува звуковните, музичките, еуфоничните аспекти на македонскиот јазик. Според Богдан А. Поповиќ, поезијата на Ренџов е поврзна со „стремежот кон звучноста и ритмичноста, кон преиспитувањето на новите поетски форми внатре во кои ќе се соопштува и новата содржинска одреденост и посебното согледување и чувствување на светот”.
Имено, и во најкусите негови песни (од по три-четири стиха) и во неговите псалми и во неговите сонети и во неговите поеми од илјадници стихови, во устројството на песната се заумно вешто проткаени принципите на музиката. Надоврзувајќи се на фолклорните матрици, на Константин Миладинов, кој музицирал на кавал и шупелка, и на Кочо Рацин, кој свирел на окарина, Михаил Ренџов е поет-музичар кој, уште од првите стихови, па сè до единствената македонска стихозбирка целосно посветена на еден инструмент (Окарина, 2015), преку секоја песна ја покажува и ја докажува симбиозата меѓу музиката и поезијата: музиката блика од секој негов стих, а неговите песни изговорени звучат како мали рапсодии. (Веројатно не е ни толку случајно што музиката е вокација и на неговите синови, извонредните инструменталисти Павел и Петар Ренџови). Интермедијалниот аспект на неговата поезија е една од причините што голем број негови песни и книги се предлошки и за музички, театарски и филмски остварувања.

Во уметничкиот свет на Ренџов привилегирано место има и односот кон поетската слика, која е секогаш сугестивна и асоцијативна и која природно влегува во поетски дијалог како со врвните дострели на средновековниот фрескопис (пред сè од манастирот Св. Пантејлемон во Горно Нерези), така и со низа современи македонски сликари (Владимир Георгиевски, Ордан Петлевски, Танас Луловски, Трајче Јанчевски, Насо Беќаровски), на кои Михаил Ренџов им посветил китки антологиски стихови и песни.
Всушност, и кога ги пишува извонредните „вербални фрески” вдахновени од нерешките мајстори и кога ги возобновува молитвените и елегиските модуси на пеење, за Ренџов творечкиот чин е една постојана, непредвидлива и возбудлива преобразба.
Воопшто не нè изненадува тоа што во песната под наслов „Песната и пеперугата“, со поднаслов „метаморфоза“, се сплотуваат процесот на метаморфозата и процесот на раѓањето на песната: Ќе посакаш најпосле / Да ја именуваш / Тогаш / од крвта / Ќе ти излази / Пеперуга / И ќе / Одлета. Пеперугата во песната на Ренџов станува песна, а песната – пеперуга.
Во една пригода Гане Тодоровски вели дека Ренџов во поезијата го искажува „немирот на својот внатрешен свет”, а на ова би додале и дека тој е поет кој тој повеќедецениски немир го преобразува во безброј антологиски песни. Би можело дури и да се рече дека поезијата на Ренџов е поезија на неспокојството. Во поемата Предвесница (2009), на пример, нè пречекува алармантното прашање: Може ли / да се биде / студен / во врело / пладне / пред / ДЕНОТ / СУДЕН? Како „иселеник на огнот”, во поезијата на Ренџов, поетот не само што не е студен туку е еден вид будилник на совеста во едно „обездушено” време. Песните и поемите на Михаил Ренџов се рожби на неспокојно, тревожно, трепетно и длабоко загрижено пеење и мислење. Ренџов е совест на македонските и сечовечките премрежја.
Неговите пеења се сочинети од вознемирувачки поетски слики и визии натопени во прадревната митско-мистична магма. Како препејувач на Епот за Гилгамеш, Ренџов е доследен на митотворечката запрашаност над човековата судбина. Секоја негова песна непосредно или посредно е посветена на „човечката ситуација”. Во неговите поеми се преплетуваат неколку невралгични теми за поезијата на Ренџов: темата за моралниот пад на човекот (што се среќава не само во Библијата туку и во древните вавилонски, кинески и индиски митови); митската тема за есхатологијата, што имплицира нова космогонија, како и темата за потребата за возобновување или одново раѓање на темелните етички вредности.
Затоа, поемите на Михаил Ренџов, како и целата негова поезија, имаат смелост да нè соочат со многубројните (ќор)сокаци во кои се заглавил современиот човек. Секако, поезијата на Ренџов не нѐ остава на очајот и темнината, туку извонредно сугестивно нè носи до пределите на надежта, светлината, восхитот и вознесот. Поезијата на Ренџов е и монолог со себеси и дијалог со светот: Во небото и во себе загледан – гласи стих од книгата Јас. Елегии (2017), во кои како да е вткаено неговото творечко мото.
Може да се каже дека поетскиот ракопис на Михаил Ренџов се занимава пред сè со најнедофатливото и најдрагоценото на овој свет – со душата и со духовното, па затоа и го заслужува прекрасниот неологизам – душопис. Во неговата поезија ем се пишува за (состојбите на) душата ем се добива впечаток дека токму таа го раководи творечкиот чин. Во песната „Птица” наидуваме на следниве стихови во облик на поетска согледба: Остануваат како траги / само летот и песната. Без голем ризик би можеле да заклучиме дека летот на поезијата на Михил Ренџов и на неговиот возбудлив „душопис” е неодминлив кога се говори не само за современата македонска туку и за современата европска поезија.
Последниот објавен поетски ракопис Зраци на Михаил Ренџов е вчудовидувачки екстракт од неговото раскошно поетско искуство. Светлината и топлината од неговата поезија овојпат ги добиваме преку извонредна серија лирски минијатури, елиптични поетски вињети, именувани „зраци“.
Секоја песна, секоја минијатура е еден нов зрак поетска светлина. Како поклоник на аскетски строгиот поетски израз, Михаил Ренџов со најновиот ракопис моќно ни ја докажува максимата „помалку е повеќе”. Во секоја песна, во секој стих е компримирана огромна творечка енергија, а песните се едновремено и едноставни и повеќеслојни.
Песните на Ренџов се сочинети од само неколку збора, но благодарение на несомнената вдахновеност и врвното поетско мајсторство, во секоја нова лирска минијатура преку лаконски пласираните стихови и поетски слики нè пречекува ново изненадување. Секој текст нè тера да го препрочитуваме одново и одново, откривајќи нови пластови значења.
Едноставно, не може а да не нè воодушеви дури и трогне колку многу животно и творечко искуство поетот успеал да вдоми во своите лирски минијатури. Иако во една од песните поетот вели: Колку многу изнапишав / Колку малку / Искажав. О, Боже, за овие песни би можело да важи токму бодлеровиот идеал за поезијата како максимум порака со минимум средства. Во овие песни кои напати помислуваме дека се екстракти, семиња или зраци од афинитетот на Ренџов кон кусите канонизирани поетски облици (од псалмот до сонетот), поетот успева со малку да искаже доволно, а со тоа на читателот да му го остави задоволството во малкуте зборови да пронајде многу смисла, но и да се соочи со неискажливото.

Во песните на Михаил Ренџов сè си е на своето место, оти се чувствува искреноста на поетскиот здив. Во нив нема ни одвишен слога, а не пак збор. Јас не пишувам, јас издишувам – вели поетот. Да, тој е впечатокот, дека поетот ја досегнал таа височина на поетската вештина и вокација што секој збор, секој стих е исполнет со здив. Неговите запишани здивови се зраци, искри, квинтесенции на лирското.
Непрегледно раскошен е опсегот на нови можности кои Михаил Ренџов го постигнал во неговите поетски „зраци”: некои стихови и минијатури асоцираат на изливи на компримирана и наталожена мудрост, на сентенции и афоиризми, на луцидни епиграми, како, на пример: Штом стигнеш до крајот / Внимавај. / Оттаму почнува / Бескрајот.
Некои лирски минијатури наликуваат на еуфонични мелодии, во кој секој слог влегува во ненасетени и свежи созвучја со некој друг слог или збор. Затоа, во овие песни, поезијата е синоним на животот, или, како што вели поетот: Зборот ми е животот.
Силна и моќна е самоспознајната нишка на стиховите на Ренџов, или, како што се вели во една од песните-зраци: Се читам и самиот / Се спознавам. Затоа секоја песна е драгоцена, секоја е неповторлива и единствена. Во секоја од нив поетот доловува различно и до крај нијансирано расположение. Лирската нишка е присутна и жива во секоја песна. Не може а да не почувствуваме дека поетот го држел моливот меѓу показалецот / И / Срцето – како што гласат неколку негови стихови.
Во лирските минијатури на Михаил Ренџов секој зрак е и знак, а поетот е читател на големата книга на светот. Во една лирска минијатура поетот си се препознава себеси во знак од древната месопотамска цивилизиација: Во еден сумерски знак / (Стрела во оптегнат лак) / Се препознав себе. / Залетан на вишно небе. Во секој миг поетот, насетува нова мудрост. Сликата од песната „Ковчеже” (Го отворив кофчежето со знаците / Со зраци озвучени) е еден вид клуч за разбирање на синестетички богатата поетска визија на Ренџов. Во неговите куси песни постојано ја следиме симбиозата меѓу звуците, боите и значењата. Во неговите стихови неизоставно ја чувствуваме и топлината, како во лирската минијатура „Пештера. Ракопис” во која пештерата се грее од топлината на ракописот. Во лирските ракописи на Ренџов постојано наидуваме на „речитата тишина”, која беше заеднички идеал на Конески и Шопов, па така во тристишјето „Молк” од Ренџов Молкот зборува / Низ искри на огон / Кој догорува.
Во една пригода, во зрелите години, Пикасо рекол дека младоста нема врска со возраста. Напишани во неговите зрели години, во стиховите на Михаил Ренџов има големо животно искуство, но и младешка полетност. Во минијатурата „Зборовите” токму поезијата ја носи таа вечна младост и свежина на поетскиот израз: Стареам и тагувам / Тие младеат и се / Радуваат, и младешки / Полетуваат. Како во најдобрата хаику-поезија, во лирските минијатури на Михаил Ренџов поетот умее и успева да им се радува на малите, навидум обични, нешта, како во тристишјето „Галеб”: Гледам галеб / Летот на галебот ме радува, / Ме подмладува.
Конечно, во песната „Долг“ поетот вели: Ветив: Треба да се доискажам. / Да ме доискажат. Се чини дека тој долг од неговата страна е наполно и извонредно исполнет, па останува долгот на читателите како „сотворци”. Во белешката од книгата Захариј и други раскази Ренџов вели нешто што би можело да важи и за неговите песни и за сите негови книги: „Јас бев искрен, затоа ве молам и вие да бидете искрени кон мене, со што полесно ќе влезете и поубедливо ќе го доживеете светот во кој сакав да ве воведам”.
Се чини дека и со стихови поетот на идните читатели им оставил суптилно упатство и еден вид аманет како да ја читаат, како да ја доживуваат неговата прекрасна поезија и како да уживаат во неговиот раскошен уметнички свет: Мојата книга се препрочитува, / Мојата книга, / простете, / Се вдишува.
Оттука, блажени се тие што ќе ја вдишуваат неговите песни и книги!





