По шест години од последниот целовечерен стендап-настап, актерот Сашко Коцев го најавува својот нов настап што ќе биде премиерно изведен на 9 ноември во големата сала на Македонскиот народен театар. „Широк дијафазон“ е насловот на стендап настапот во кој, како што вели Коцев, ќе зборува за аномалиите на општествените случувања, машко-женските односи, коментар на неговото лично постоење и опкружување.

– Како и секогаш, моите теми се од животот, работи што ги гледаме секој ден, што ги живееме и сме ги прифатиле како такви, само јас ги раскажувам низ мојата призма на гледање и на хумор. Мојот последен целовечерен стендап беше доста одамна, мислам во 2017 година. Тоа не е мојата главна преокупација, па затоа и немав претстава колку време поминало, ама еве, сега решив зашто некако ми дојде музата да се искажам и заедно со публиката да си поминеме убаво! Овојпат одлучив да не биде клупски перформанс, туку во театар. Многу лесно се договоривме и со МНТ и со спонзорот Халкбанк – вели Коцев.

Зошто „Широк дијафазон“?
– И за тоа ме инспирира секојдневнието. Некои луѓе го грешат вистинското широк дијапазон. Дури некои го викаат и широк дијазепам на грешка. Од што толку се шегуваме и го употребуваме на смешка погрешно, некогаш кога треба виситнски да го употреувам, подзастанувам и дури не сум сигурен како беше. Инаку, вистински сакав да се вика широк дијапазон, поради повеќето теми што ќе бидат опфатени вечерта.
Првата реприза на „Широк дијафазон“ е закажана за 21 ноември. На својата матична сцена во Македонскиот народен театар, Коцев во оваа сезона е актуелен со „Ничија земја“ и „Не се клади на Енглези“, а во киносалите игра филмот „М“ на Вардан Тозија во кој Коцев игра една од главните улоги.





