Пишува: Александра Јуруковска
Концертот „Врати на имагинацијата“ е јубилејно одбележување од издавањето на истоимениот албум на познатата македонска рок-група „Ареа“. По 25 години албумот од кои произлегоа многу хитови, во спортската сала „Јане Сандански“ беше прославен на најубавата можна фреквенција – онаа на љубовта.

Наспроти 25 годишниот јубилеј од култниот албум е и фактот дека „Ареа“ постои цели 33 години, а она што е за почит е дека нивните песни не се заборавени, публиката ги пееше во еден глас, веројатно затоа што и денеска звучат подеднакво моќно. Освен прекрасниот и препознатлив вокал на Ружица, „Ареа“ завчеравечер потсетија дека еден концерт може да биде високо професионален на едноставен и единствен начин, со сценски минимализам, одлично осветлување, озвучување и прекрасна и искрена енергија. Гостиварските рокери Ивица Брчиоски (гитарист и композитор), Јордан Гаврилоски (бас-гитарист), Горан Брчиоски клавијатурист и акустична гитара, тапанарот Виктор Анѓелкоски и придружниот вокал Елена Брчиоска, на сцена покажаа она значи да се живее и дише во духот на рок музиката, и тоа на македонски јазик.

Концертот беше одлична можност да се потсетиме и на некои од најубавите македонски рок песни од сите нивни седум албуми. Организаторите „Авалон“ освен што се погрижија за беспрекорноста на настанот, објавија и ремастериран винил од „Врати на имагинацијата“, кое според ексклузивноста не заостанува од светската практика за вакви изданија.
Публиката беше генерациски разновидна, од луѓе блиски по години со членовите на групата, до такви кои растеле со нивните песни некаде во 90-тите кога медиумите имаа поголемо чувство за поддршка и промоција на македонската музика, а песните на Ареа беа дел од сите музички емисии и високо на музичките топ листи. Радува што меѓу оние што на сиот глас ги пееја сите стихови, имаше и многу млади луѓе, за кои вокалистката досетливо забележа дека веројатно се помлади и од песните и од славеничкиот албум. Во контекст на новиот живот на музиката е и нивната преработка на „Очи ангелски“ од 1996 со младиот рапер Јанг Дади (Young Dady) кој синоќа беше нивни ексклузивен гостин, а настапот беше проследен со аплауз и симпатии.

Двочасовниот концерт кулминираше со песната „Колку ми значиш“, како и со незаборавната „Сите мои слики“ изведена на крај, а дочекана со воодушевивање. „Ареа“ на бис на своите почитувачи им возврати со по уште една изведба на „Очи ангелски” и „Фреквенција на љубовта”.

Ружица едноставно и непретенциозно, со куси најави не’ водеше низ музичко патување кое трае повеќе од четврт век. Притоа, искрено и со многу почит се заблагодари за сета поддршка и незаборавна енергија што присутните ѝ ја возвратија на „Ареа“. Почитта и професионалноста што публиката на ваквите настани ги посакува и очекува, можеше да се насети уште на самиот почеток – концертот започна точно во 21 часот, без минута доцнење, а потоа со мерак можевме да се препуштиме на фреквенцијата на љубовта.
Фото: Стефан Рајхл








