„Меморија“ уште еднаш покажаа колку важен дел се од меморијата на македонскиот народ

Љубовта е тоа што нè држи 40 години заедно, рече вокалот на „Меморија“, Апостол Икономов-Поце пред да се случи нивниот концерт во саботата во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Набој на убави емоции, спомени, посвета на музиката со која се растени генерации. Аплаузите и воздишките долго ќе ги паметат сите што дадоа свој придонес во концертот – членовите на „Меморија“, но и сите гости. Беше прекрасно да се види како публика од различни генерации уживаа во секој момент, во секој акорд. Колку заедничка меморија ни подирила „Меморија“ со децении!

Петар Георгиевски – Перо Камиказа, Ристо Самарџиев, Сашо Ангелов, Давор Јордановски на клавијатури, Рубин Димкоски на гитара, звучеа одлично.
Одличен вовед даде настапот на Андријана Јаневска, Ристо Самарџиев и Поце Икономов, нивните неприкосновени вокали дадоа посебен влез во концертот. Песната „За тебе“ посветена на сопругата на Поце која почина годинава, ја испеа со посебна љубов. Како што најавија, главно музичарки им гостуваа на членовите на „Меморија“ – Сара Мејс со својата харфа го даде влезот на „Оган под ѕвездите“. Гостуваа и саксафонистката Александра Илиева, Тијанче Илова, на тапан, Дани Димитровска, како и „Ареа“.
Ристо Самарџиев го слушнавме со „Ако умрам ил загинам“, а со посебна жар ја отпеа „Нашите слики“.

Посебно беше гостувањето на Филип Николоски од Прилеп, кој ја испеа „За добро да е“ заедно со Самарџиев и Камиказа. Гостин преку видеобим беше нашиот маестро Симон Трпчески, кој е голем почитувач на „Меморија“ и ја отсвири „Оган под ѕвездите“.

Тричасовниот концерт ни ги погали душите, но и надежта дека можеби оваа историски важен бенд за Македонија може да смогне сили и да создава уште многу музика заедно!

Сподели