Меѓууниверзитетската соработка е клучна за размена на искуства и создавање продуктивни иницијативи

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола одржа тркалезна маса посветена на меѓууниверзитетската соработка во високото образование, науката и иновациите. Во дискусијата на актуелни теми за унапредување на академските партнерства, научноистражувачката соработка и иновативните пристапи во високото образование во Јадранско – онскиот регион, учествуваа претставници на универзитети членки на УНИАДРИОН, регионални засегнати страни и
институционални партнери.

Настанот е поврзан со претседателствувањето на УКЛО со асоцијацијата на универзитети од Јадранско – јонската група земји – УНИАДРИОН. Сесијата, модерирана од проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ, отвори простор за размена на идеи и добри практики поврзани со дигиталната трансформација, европските заеднички програми и новите модели на студентска мобилност, теми за кои говореа панелистите: проф. д-р Александар Иванов, од УКЛО и гостите: Џени Паге, од Универзитет во Јанина и претставник на Управниот одбор на Асоцијацијата, Џузепина Ларока, од Универзитетот во Мачерата, Филипо Пистоки, од Универзитетот во Мачерата и Силвија Мангалардо, од Универзитетот во Анкона и виш советник на УНИАДРИОН, како и Ана Косиќ, од Универзитетот во Сплит. Во дебатата, посебен осврт околу заеднички, двојни и повеќекратни европски дипломи изнесе проф. д-р Рената Петреска Нечкоска, академска раководителка на УКЛО во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.

– Оваа година Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола претседава со УНИАДРИОН – асоцијацијата на универзитетите од Јадранско – јонската група земји. Македонија е дел од оваа мрежа од 2020 година и задоволство е што Битола ги пречекува ректорите, проректорите и високите претставници на универзитетите, членки на Управниот одбор. Универзитетите се повикани да понудат идеи и решенија за бројните предизвици со кои се соочува регионот – од еколошките проблеми и одржливоста, до иселувањето, миграциите и енергетската транзиција. Меѓууниверзитетската соработка е клучна за размена на искуства и создавање продуктивни иницијативи. УКЛО веќе реализира три проекти поддржани од програмата INTERREG за регионот – рече екторот проф. д-р Игор Неделковски.

Тркалезната маса ја потврди посветеноста на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола кон создавање трајни партнерства и неговата засилена позиција во академскиот и истражувачкиот простор во Јадранско – јонскиот регион. Настанот се одржа како дел од пошироката програма на одбележувањето на Патрониот празник на УКЛО и вклучи посета на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола.

Сподели