Младата индиска режисерка Пајал Кападиа беше наградена со Гран при за нејзиниот прв долгометражен игран филм, „Сè што замислуваме како светлина“ во Кан годинава. Ние го прикажавме нејзиниот студентски филм „Попладневни облаци“ во нашата натпреварувачка селекција во 2019 година, и токму него го гледавме и со младите во Битола на нашиот филмски караван – вели Дејан Здравков, селектор на краткометражната програма на фестивалот
Редок по замисла и во светски рамки, а веќе со завидно долга традиција во нашиве, во Филозофскиот филмски фестивал годинава наполни 14 години. Одговорен за официјалната селекција на краткометражни филмови веќе седма година е Дејан Здравков, доктор по филозофија. Кратките филмови ќе бидат на програмата на фестивалот во две вечери. Фестивалот ќе биде отворен на 7 јуни, а ќе се реализира во Кинотеката.

Може ли да ни откриете за процесот на селекцијата? Се наоѓа ли лесно баланс меѓу уметноста и филозофијата?
– Како мојата активност започнува рано, уште за време на планирањето на секое наредно издание, сѐ со цел поголема синхронизација на селекцијата со генералниот програмски фокус – секако, колку што е тоа возможно! Колку за пример, во рамки на ланското издание на фестивалот, кое беше посветено на Годар, краткометражната програма започна со проекција на неговиот десетминутен филм „Во темнината на времето“. Оваа година такво нешто нема да биде неопходно, бидејќи нашиот фокус е на американската авангардна режисерка Маја Дерен, па предвидена е посебна вечер за проекција на нејзините кратки видеоесеи, речиси сите што ги има завршено. Оттука, можевме да си дозволиме целосна флексибилност при изборот.
На нашиот повик пристигнаа поголем број краткометражни филмови од целиот свет и јас, во неколку фази на селекција, се обидов да ги пронајдам оние филмски слики кои можат (или би можеле) да мотивираат различни перспективи на гледање, толкување, филозофско прочитување, но и естетско доживување.
Се разбира, со оглед на тематскиот карактер на нашиот фестивал, селекцијата секогаш се одвива во согласност со нашите два главни критериуми, за уметнички квалитет и филозофска релевантност, за кои мислам дека, кантовски кажано, би можеле да функционираат како трансцендентални шеми во кои квалитетот на филмската содржина што се бара си го наоѓа своето место. Или не го наоѓа. Балансот помеѓу нив не може да се воспоставува аналитички; невозможно е во еден филозофско-филмски амалгам да се квантифицира во колку проценти е застапено уметничкото а во колку филозофското, бидејќи филозофските седименти во една кратка филмска фабула понекогаш можат да се појават и во само еден кадар, гест или поглед и така да ја сензибилизираат душата отворена за филозофска рефлексија.

Дејан Здравков
Со какви предизвици се соочува еден селектор при изборот на кратки филмови за филозофски филмски фестивал наспроти, да речеме, селекторите кои работат во рамки на други типови филмски фестивали? Потежок е изборот или полесен?
– Не би можел да направам таква споредба со оглед на тоа што моето искуство како селектор сепак е ограничено; но, можам да претпоставам дека е потешко. Не само заради потесното тематско подрачје во кое се трага (што би било проблем независно од тоа за каков тип тематски фестивал станува збор), туку и заради обидот да се пронајде филозофски релевантно филмско остварување, што пак претпоставува дека селекторот веќе однапред има некаква јасна и дистинктивна претстава за тоа што е тоа филозофски филм, претстава која не би била предмет на дополнителни проблематизирања и преоценувања. Ова, секако, не е никогаш случај, бидејќи прашањето за односот помеѓу филозофијата и филмот е многу комплексно и секој кој има интерес да истражува во оваа област се сретнува со еден широк спектар на различни теориски пристапи и елаборации, почнувајќи од Платоновата епистемолошка алегорија за пештерата до онтологијата на филмската слика кај Жил Делез. А тешкотијата е и на страната на авторите.
Претпоставувам дека не е лесно и за еден режисер на краткометражен филм во времетраење од 7, 10 или 15 минути, со својот филмски јазик и неговите технички изразни средства, да артикулира една филозофска идеја; или пак, таа (филозофската идеја) да биде мотив за една нова, поинаква филмска и естетичка експресија. Па, сепак, вакви уникатни и квалитетни краткометражни филмски остварувања има, а ми се чини и дека ние успеваме некои од нив да ги препознаеме и да ги прикажеме пред нашата публика.
Во каква насока има еволуирано селекцијата низ периодот додека сте вклучени во фестивалот? Се зголемува или намалува бројот на апликации? Има ли забележливи трендови на план на тематика? Можете ли да споделите некои увиди за темите кои најчесто се истражуваат во кратките филмови што се поднесуваат на фестивалот?
– Поканата да бидам селектор ја добив од директорката Ана Дишлиеска Митова после моето гостување во рамки на ревијалната програма филм-филозофија во 2016 година. Токму тоа беше и годината кога фестивалот – инаку започнат од една група на мои, во тоа време, помлади колеги од Институтот за филозофија – се имаше свежо впуштено во компетитивните води, со официјални селекции и планирани награди. По извесно колебање заради немањето искуство со работа на филмските фестивали, на крајот им дозволив на љубовта кон филмот и вербата во идејата зад фестивалот да надвладеат и се решив да го прифатам предизвикот. Благодарение на поддршката и довербата од организацискиот тим, еве веќе седма година имам можност на ваков начин да бидам дел од фестивалот.

Првата година имавме слободен пристап до платформите за аплицирање и пристигнаа навистина огромен број филмови, што драстично ја отежна селекцијата. Подучени, наредната година воспоставивме поспецифични критериуми, така што сега добиваме сосема пристојна бројка. Многу поважно, низ текот на годиниве, континуирано воспоставуваме сѐ понови и поразмрежени меѓународни контакти (особено преку странските гости на фестивалот), што секако придонесува и за подобрување на квалитетот на филмовите кои ги проектираме, не само во рамки на програмата на краткометражните филмови, туку и во секој друг сегмент од фестивалот.
Што се однесува до тематиката, не би погрешил ако речам дека секогаш има филмови кои тематизираат разновидни и актуелни општествено-социјални, егзистенцијални, етички, психолошки и еколошки аспекти на современиот живот, но и филмови кои понираат до најдлабоките, најсуптилни и најинтимни фрагменти на личната егзистенција, безмалку повикувајќи ја душата на разговор со самата себеси.
И да, секако, се случуваат повремено и забележливи тематски трендови, како при зенитот на мигрантската криза или за време на пандемијата на ковид. Од една страна, охрабрува потребата – особено на младите филмаџии – веднаш да реагираат, но сепак ми се чини дека ваквата тематска суперпродукција (барем во прво време) не беше проследена и со неопходниот квалитет. Не само кај нас, туку и на поголем број од фестивалите кои ги следев, не забележував често квалитетни филмски остварување на овие теми.
Годинава вклучивме филм чие дејствие е сместено врз фонот на изолацијата од ковид-пандемијата а кое говори за принудната изолација на жените во една рурална област во Индија за време на нивниот менструален циклус. Така што, ете, денес оваа тема се разработува на еден позрел начин, мошне слоевито и метафорично. Се чини дека понекогаш, кога се соочуваме со актуелни појави кои предизвикуваат големи општествени шокови, на духот му треба време да ги интернализира, да одлежат во свеста, па дури потоа истите можат да дестилираат во квалитетен уметнички, филмски, книжевен или филозофски производ.
Дали станува потешко низ годиниве да се направи диверзитетен избор поради тоа што филмовите сѐ повеќе и повеќе конвергираат во предвидливи и слични точки (поради актуелноста или доминатноста на одредени прашања) или, пак, напротив, глобализацијата, неолиберализмот и индивидуализацијата имаа сосема обратен ефект, па направија за различни луѓе, во различни региони во светот, сосема различни нешта да се значајни?
-Продукцијата на филмови денес е навистина обемна и тоа е убаво. Мислам дека е привилегија човек да се препушти на таа визуелна шареноликост, на филмските слики кои доаѓаат од руралните области на Костарика или Никарагва, или од целосно нетрадиционални филмски региони од Африка, Киргистан или Непал. Мислам дека и двете тенденции се присутни и би рекол дијалектички се испреплетуваат. Од една страна, сите тие филмови можат тематски да се систематизираат и класифицираат и да бидат погодни за селектирање на различни фестивали со специфичен фокус – политички, еколошки, квир, планински итн. – што, секако, не би смеело да го засенува нивниот оригинален авторски печат.

Од друга страна, некои од филмовите кои на прв поглед се чини дека третираат некоја засебна, нагласено локална проблематика, често пати успеваат истата да ја издигнат до некоја универзална, општочовечка идеја, што одново ги прави подложни на некоја поопшта класификација. И тоа е таа интересна динамика која ја диригира не само програмата на ФФФ, туку и сета човечка креација. Навистина, може да претставува проблем ако добиете серија на филмови кои тематски, па дури и географски, се преклопуваат. Но, затоа е тука индивидуалната потрага. Во текот на целата година, јас постојано трагам, обидувајќи се да соберам по некој податок плус за сѐ што ќе ми се причини како интересна филмска приказна, понекогаш инспириран и од исклучително скудни податоци, како краток синопсис во форма на половина реченица или една фотографија. Но ваквата мака кај селекторот знае да изостри и еден нов инстинкт за трагање и тоа го прави процесот на селекција повозбудлив.
Филозофските филмови знаат некогаш да бидат тешки и нејасни, а можеби и понепробојни кога идеите мораат да се згуснат во десетина минути, како што пред малку и самиот посочивте. Па, дали меѓу филмовите кои се филозофски длабоки, се одлучувате некогаш да вметнете и такви кои би можеле да бидат превосходно забавни или интересни за публиката?
– Филозофски филмски фестивал, во целина, има и една нагласена едукативна нота, која и експлицитно ја остварува преку сегментите Филмософија за деца, Средношколска видеолектира и Работилницата за млади, водени од некои од моите колеги. На нашиот патувачки филозофски караван, кој го одржувавме до пред некоја година, имавме можност – токму преку избор од краткометражната програма – да разговараме со средношколците од земјава за филмската култура и образованието, со посебен нагласок на краткометражниот филм како посебна уметничка форма (независна од долгометражниот филм), а и да погледнеме филмови кои едновремено се длабоко сериозни но исто така и ведри и симпатични, каков што, да речеме, беше „Северен Пол“ на Марија Апчевска во 2022 година.
Моите впечатоци и денеска се дека овие филмови будеа голем интерес кај присутните. И од овие настани, а и од реакцијата на публиката за време на кинотечните проекции, барем до сега, не сум добил впечаток дека е неопходно да правам некаков дополнителен компромис во оваа насока. А мислам и дека не би бил подготвен за такво нешто. Секој фестивал има своја специфична публика, особено тематските фестивали. Нашата публика, која расте заедно со нас и нашиот фестивал, одлично знае што да очекува од нашата програма. И не би ни простила поголеми промашувања. Компромиси уште помалку.
Имаат ли барем некаква улога повратните информации од публиката во процесот на селекција? Дали, на пример, ги земате предвид впечатоците – и, секако, гласовите – на гостите на фестивалот при селекциите во наредните години?
– Се разбира дека повратните информации од публиката се секогаш драгоцени. Најпосле, критериумите за избор (околу кои пред малку се обидов да образложам) се длабоко субјективни. Тие не произлегуваат од некои објективни дефиниции, туку од моето досегашно искуство и искрен напор да ги разберам филозофските теми и, низ тоа разбирање, да го изградам својот теориски пристап, не само кон филмската уметност, туку и кон уметничкото творештво воопшто.
При селекцијата на секој филм, особено во последната фаза – па, дури и при секое повторно прегледување на филмот – селекторот всушност ги преиспитува сопствените критериуми. Одново и одново. И потоа ги соочува со критериумите на останатите. Се разбира дека на крајот од фестивалот секогаш добивам реакции и мислења и од колегите во тимот; а тука се и гласовите на публиката. И сето тоа ми помага да видам како другите го гледаат она што јас го гледам.
А што се однесува до прашањето за повторна селекција на некои од филмовите, до сега не сме практикувале такво нешто, иако некои од нив кои мене ми оставиле длабок впечаток и ќе ги паметам долго, со задоволство би ги селектирал повторно, макар и само за да можам уште еднаш да ги погледнам на големото платно. Сепак, мислам дека овој фокус на секогаш нова и свежа продукција треба да остане. Можеби би било добро да се обидеме да изградиме некаква архива барем од потесниот избор на победничките филмови која би се чувала во Кинотеката на Македонија, но не знам дали би било можно тоа да се регулира со авторските права.

Спомнавте за двата типа филмови, оние заинтересирани за глобалното и оние заинтересирани за локалното. И годинава има такви кои се осврнуваат на светски проблеми и современи општествени предизвици (како класни, еколошки и полови шизми), но и такви што се многу полични и се внурнати во субјективни спомени и мигови на епифанија. Дали свесно внимававте на таквиот диверзитет?
– Иако во филозофијата го претпочитам широкиот панорамски, Хегелов поглед кон целината, на планот на филмот не можам да кажам дека преферирам кој и да е од двата пристапи. Ги сакам и едниот и другиот и мислам дека подеднакво можат да доведат до извонредни и продлабочени увиди. И покрај тоа што нашиот фестивал може да се окарактеризира како тематски или специјалистички, ние се обидуваме да отвориме најширок можен простор за филозофско-естетски дијалог, почнувајќи од самиот избор на филмови, па сѐ до гостите кои ги покануваме за дискусија, а кои не доаѓаат само од светот на филозофијата, туку и од светот на книжевноста, филмот, другите уметности, новинарството, и кои всушност ги обединуваат сите оние кои го истражуваат филмот од една или друга страна а кои, се разбира, би сакале да бидат дел од нашиот фестивал.
Во годинешната селекција има одвај два филма во кои има некаков комичен поттекст или барем се провлекуваат комични елементи; останатите се исклучително сериозни. Дали тоа значи дека режисерите сметаат дека во смеата нема епифании, дека таа е непоканет гостин на снимањата на филмови за сериозни филозофски прашања?
– Да, веројатно голем дел од авторите сметаат дека овие теми бараат сериозен пристап. И можеби со право. Дури и третманот на категоријата „комично“ во филозофските теориски анализи е сериозна работа. Па, сепак, филозофското и комичното нужно не се исклучуваат. Историјата на филозофијата може да посведочи и за блескавото (иако можеби понекогаш и дискретно) чувство за иронија, ведар хумор или зајадлив сарказам присутно и во делата на најголемите корифеи на длабоката мисла, обвиена во херметична (или како што некои велат, тешко пробојна, темна) терминологија. Впрочем, зарем не може филозофијата да биде, како што велеше Ниче, „весела наука“?
Да, инаку, се сеќавам на таков филм – извонредната комедија „Модерна уметност“ од 2017 година на словенечкиот режисер Марко Шантиќ, посветена на прашањето кое се поставува еве веќе стотина години: што е тоа современа уметност и како изгледа нејзината рецепција? Интересно, во годината кога беше прикажан, „Модерна уметност“ освои и најмногу гласови од публиката, што би значело дека и тоа како има простор за комичното во филозофскиот филм! Доказ за ова е и бразилскиот филм „Сидерал“ од 2022 година на Карлос Сегундо, кој иако е начелно тегобна социјална драма, е едновремено и убаво проткаен со впечатлив хумор. А има и други.
Многу големи режисери почнале со кратки филмови испратени до мали фестивали низ светов. Дали низ годиниве се случило да изберете некој краток филм од тогаш непознат дебитант за потоа да го слушнете истото тоа име покрај насловот на некој критички уважен и квалитетен долгометражен филм?
– Ќе го посочам големиот успех на младата индиска режисерка Пајал Кападиа, која беше наградена со Гран при за нејзиниот прв долгометражен игран филм, „Сè што замислуваме како светлина“ во Кан пред десетина дена. Ние го прикажавме нејзиниот студентски филм „Попладневни облаци“ во нашата натпреварувачка селекција во 2019 година, и токму него го гледавме и со младите во Битола на нашиот филмски караван. А потоа и разговаравме за суптилното филмско писмо на Кападиа (низ кое таа успева да третира релевантни филозофски прашања), за нејзината љубов кон филмската уметност, како и за нејзиниот восхит од естетиката на тајландскиот режисер Апичатпонг Вирасетакул.
Tука е, секако, и Иранецот Али Асгари, кој годинава доаѓа на нашиот фестивал со неговиот последен долгометражен филм „Прозаични стихови“ кој лани беше прикажан на Кан, откако предизвика многу контроверзии во неговата матична земја. А првото позабележително филмско остварување на Асгари – петнаесетминутниот „Тишината“ (мене лично еден од најдрагите кој сум ги погледнал) – беше добитник на Специјалното признание за краткометражен филм од жирито на ФФФ во 2018 година!
Морам да ја спомнам и младата киргистанска режисерка Меирим Догдурбекова, која ни гостуваше со нејзиниот дебитантски филм „Бакит“ во 2018 година, а која потоа доби стипендија во Париз и веќе сум ја сретнал како соработник/асистент на големи филмски имиња (како Ким Ки-Дук), а очекувам, се надевам и посакувам и нејзин прв позабележителен авторски проект.
Секоја година ние имаме значителен број на надежни дебитанти во нашата краткометражна селекција и јас се обидувам, колку што можам, да ја следам нивната понатамошна работа, и секој нивен успех навистина неизмерно ме радува.
Можете ли да кажете некој збор за меѓународната застапеност во годинешниот избор на кратки филмови? Дали има региони кои се особено добро претставени или можеби и недоволно застапени?
-Имаме шеснаесет кратки филма што доаѓаат од 15 земји во светот и 5 континенти, со што мислам дека овој аспект е одлично покриен. Се обидувам да опфатам поширок географски спектар, бидејќи тоа овозможува подобар увид во различните кинематографски практики, но и во различните културни феномени, нудејќи поголем опфат на локални сликовни изрази кои во себе носат нешто универзално и вредно. Кога станува збор за останатите видови диверзитети, било тие да се тематски или во смисла на родова застапеност на авторите, мислам дека успевам да ги хармонизирам и без некаков поголем напор, бидејќи со своите уметнички квалитети тие се просто тука: самите се квалификуваат.
Дали ви се случило уште пред да го правите изборот, при првата средба со некој филм – во кој и да е вид: како синопсис, полуреченица, слика – веднаш да сакате да го вклучите во селекцијата, без да имате некакви натамошни двојби?
– Токму оваа година имав случај за каков што ме прашувате. Станува збор за филм кој го побарав и лани, но не успеав да го добијам. Многу сакав да го прикажеме, затоа што ја познавам работата на режисерот, а го следев и фестивалскиот пат на филмот и наградите кои ги освојуваше во текот на минатата година, како и многуте позитивни критики. И кога овој пат ни стигна меѓу пријавите, просто бев подготвен веднаш, и на невидено, да го селектирам. Се разбира, сепак прво го погледнав и ми беше драго што од почетокот сум верувал во него. Но ретко кога сум имал еден фаворит. Обично се тоа неколку кои успеваат на поинаков начин од другите да допрат до мене. Така е и оваа година. И ги има и во двете вечери. Па, не пропуштајте ниту една од нив.





