Фолклорниот ансамбл „Мегдан“ од Богданци ќе ја претставува Македонија на фестивал во Португалија. Играорците тргнуваат денеска Алфена, Порто каде од 31 јули до 6 август ќе се одржува фестивалот.
– Ќе правиме попатни паузи во Венеција и Барселона каде е планирана прошетка на членовите на ансамблот и посета на значајни знаменитости во градовите. На фестивалот за секоја вечер има планирано различни случувања, запознавање со културата, фолклорот и кујната на другите земји кои учествуваат. „Мегдан“ ќе се претстави со изворни македонски ора и песни во живо со оркестар. Среќни сме што имаме можност да ги запознаеме и другите земји од светот со нашиот богат фолклор и традиција и да покажеме дека ова мало парче земја со себе носи големи вредности – велат од „Мегдан“.
Ансамблот од своето основање е член на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија, кој е официјален партнер со CIOFF. Фолклорниот ансамбл за традиционална музика и игри „Мегдан“ во изминатите години постигна забележителни резултати и успеси во народното творештво и претставување, како во земјава, така и на меѓународната сцена.





