„Мечокот по име Војтек“ е длабока приказна за идентитетот, припадноста, домот

Отсекогаш ме интересирале приказни за врската меѓу луѓето и животните и како тие можат да изразат моќни метафори за самите нас и за светот. На некој начин, ова не е навистина приказна за мечка, туку е приказна за бегалците, за надежта и за љубовта – вели режисерот на филмот, Ијан Гарднер

Тој бил можеби најпознатиот мечок во Полска, а исто така многу сакан и во Шкотска, иако дошол од Сирија. Војтек бил мечок посвоен од полски полковник за време на Втората светска војна. Филмот „Мечокот по име Војтек“ на шкотскиот режисер Ијан Гарднер му дава нова приказна за потеклото на Војтек, за која режисерот вели дека ја сметал за неопходна за приказната да функционира во помалку од половина час. Филмот ќе биде прикажан на 4 август, на отворањето на јубилејното 20. издание на „Астерфест“ во Струмица. Тој беше меѓу 15-те во потесниот избор за пет номинации за категоријата „Најдобар краток анимиран филм“ на Оскарите годинава.

Kога првпат се сретнавте со приказната за Војтек?

– Уште кога бев студент по уметност, ја посетував Зоолошката градина во Единбург за да го проучувам движењето на животните и знаев за Војтек, благодарение на неговата поврзаност со Зоолошката. Но на некој чуден начин, мечокот како да ми шепотеше уште од оние први цртежи на поларни мечки кои го окупирале неговото живеалиште, па сè до мојот ментор Дејв Хардинг, кој го вајал мечокот во текот на неговата кариера. Можеби уште порелевантно е тоа што сега имам студио во Самерхол, кое порано било Ветеринарен факултет во Единбург, каде што студентите ги испитувале остатоците од Војтек во 1960-тите, во демонстраторска просторија на само неколку метри од моето студио.

Може ли да се рече дека оваа тема е ваша опсесија?

– Не би рекол дека Војтек е моја опсесија, иако бев длабоко посветен да ја раскажам неговата приказна на што повпечатлив начин. Отсекогаш ме интересирале приказни за врската меѓу луѓето и животните и како тие можат да изразат моќни метафори за самите нас и за светот. Приказната за Војтек е длабока приказна за идентитетот, за припадноста, за домот. На некој начин, ова не е навистина приказна за мечка, туку е приказна за бегалците, за надежта и за љубовта.

Кои ви беа најголемите креативни предизвици со кои се соочивте во создавањето на филмот?

– Филмот се одвива во текот на животот на еден мечок, за време на еден од најбурните периоди на 20 век (Втората светска војна). Креативно, затоа е предизвик во половина час да се прикажат ликовите и приказната на начин што е веродостоен на ситуацијата, но притоа да не се усложнува нарацијата со историски детали. Го решивме овој проблем со потпирање на брилијантното сценарио на Војчех Лепјанка и пронаоѓање визуелни решенија за поврзување на главните точки на приказната.

Со оглед на тоа што екипата работеше претежно од дома, како тоа влијаеше врз вашата режија?

– Пред пандемијата се радував што ќе работам во живо со одлична група луѓе. Некои од нив беа, всушност, во истата зграда во Самерхол, па таму добро соработувавме. Но технологијата за комуникација е доволно добра, а нашиот работен процес беше осмислен да биде прилично едноставен, така што можев да правам демонстративни видеа и да давам конкретни повратни информации преку апликациите.

Што го очекува „Мечокот по име Војтек“? Дали имате фестивали во најава?

-И понатаму ќе го го следиме патот на Војтек на меѓународната фестивалска сцена. Го пријавуваме филмот на настани низ целиот свет и се надеваме дека ќе бидеме поканети да го прикажеме и во текот на оваа година. Исто така, возбудени сме што ќе го споделиме филмот со поединци и институции, кои имаат длабока лична поврзаност со Војтек и со она што тој го претставува.

Сподели