Гордана Михаилова Бошнакоска, една од најзначајните фигури во современата македонската литература, ја заокружува својата лирска
трилогија, својата тригодишна лирска одисеја која започна со збирките „Мед и младост“ и „Килибар и младост“ со својата најнова збирка
„Маслина и младост“. Сите три книги се дел од поетската едиција на книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје.
Новата збирка на Гордана Михаилова Бошнакоска содржи шеесетина песни кои се подредени во циклусите „Еликсир и младост“, „Кора“ и „Зимзелено девојче“, а изданието е проследено со книжевно-критички предговор на поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски и со поговор на писателот Гоце Смилевски.
Во својот воведен текст кон збирката Цветкоски заклучува:
– Со „Маслина и младост“, Гордана Михаилова Бошнакоска во својата најзрела творечка доба ја завршува лирската трилогија со три дела кои се необични, предизвикувачки и блескаво остварени. Оваа троделна лирска обзнана ја докажува нејзината врвна лирска сила, која, со
својата убедливост, не остава никакви сомнежи дека е создадена од врвна поетеса. Македонската современа поезија добива неверојатен
лирски подарок – зреен, извезен од пластови младост, страст и секавично скротена чувствителност што ќе продолжи да ги инспирира и
идните генерации поетеси и поети како и книжевните сладокусци.
Додека Гоце Смилевски, во својот поговор констатира:
– Поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска со песните од „Маслина и младост“ го изразува метафизичкиот парадокс со кој нѐ соочува и со претходните две стихозбирки од триптихот – дека не може да се пее за минливото без насетување на вечното и дека не може ни да се помисли на вечното и вечноста без да се почувствува онаа тескобност од свесноста дека во таа вечност ќе ги изгубиме оние убавини и задоволства кои ѝ се присушти само на минливоста.
Гордана Михаилова Бошнакоска има објавено 14 книги поезија, збирката раскази „Босфорско лето“ и романот „Потрага по приказна“. Нејзините песни се застапени во антологии во земјава и странство како и во индивидуални поетски избори на македонски, албански, бугарски, како и во панорамски прикази на европските јазици и на англиски, латински, есперанто и др. Носител е на врвни македонски и меѓународни поетски награди, а имала студиски престои во земји од Европа, Африка и Северна Америка.





