На 10 и 11 мај, по пауза од неколку години, ќе се организира велосипедската тура Мариово Off-road Experience! Настанот ќе се организира во чест на Слободан Трајковски, основач на трката, кој прерано почина минатата година.
– Поради неговото долгогодишно искуство со организирање на настани, како и неговата несебична посветеност на Македонија, со особена љубов кон Мариово, општина Прилеп реши да ја продолжи оваа прекрасна традиција и оваа година да ја преземе организацијата на Мариово Off-road Experience. За таа цел на 10 мај, се собираме повторно да возиме во една од првите и една од најдобрите тури во Македонија – велат организаторите.
За време на настанот настап ќе има и Јаков Дренковски. Исто така ќе биде промовирана и „Велописи од Македонија” – дел од дневникот на Слободан Трајковски за неговите патешествија низ нашата Македонија.





