МАНУ ќе добие софистицирана опрема за дигитализација на културното наследство

Опремата ја донира Ротари клубот „Скопје вест“ кој обезбеди свои средства и од донациите собрани на клупската донаторска вечер одржана во мај оваа година во Даут-пашиниот амам

Софистицирана специјализирана техничка опрема за зачувување и дигитализирање на културни артефакти и споменици на културно наследство денеска во 11 часот ќе биде донирана на Македонската академија на науките и уметностите. Опремата ја донира Ротари клубот „Скопје вест“ кој обезбеди свои средства и од донациите собрани на клупската донаторска вечер одржана во мај оваа година во Даут-пашиниот амам. На настанот ќе биде потпишан и договор за изработка на модерна веб страница на МАНУ.

– Ургентно сме засегнати од опасноста во која се наоѓа македонското културно наследство и мекедонската историја во целост. Во обој момент повеќе од потребно е да понудиме конкретна поддршка и помош во засилување на процесот на зачувување на највредните сведоштва за националното културно минато. Горди сме што на уникатен начин ја градиме ротаријанската клупска приказна во која длабоко веруваме – дека културата и уметноста се важни сегменти за здраво општество и дека без нив животите на луѓето во заедницата би биле далеку посиромашни – вели Борислав Несторовски, актуелен претседател на клубот.

Опремата за скенирање на културно наследство има голема важност во процесот на презервација и пристап до културните артефакти, велат од клубот. Опремата е обезбедена од сопствени средства од клубот и средства собрани на донаторската вечер каде се собирале средства од продажба на билети, од организираната продажна аукција на графики, донација на Галеријата Остен, но и од парични донации од Пакомак, Виталија и други општествено одговорни поединци и организации. Опремата се состои од:

– Скенер за пресловување на физичките објекти, како што се слики, текстови, документи или артефакти. Со помош на различни техники за скенирање, како што се оптичко скенирање, со јасен, висок квалитет на резолуција, се добиваат дигитални копии од предметите;
– Лед осветлување, стативи и друга опрема за прецизно фотографирање и скенирање.
– Софтвер за обработка на дигиталните слики, превземени со помош на скенерите или фотоапаратите. Софтверот овозможува реорганизација, реставрација, подобрување и детална анализа на сликите, со цел да се произведат најдобрите можни резултати.
– Специјализиран печатач за високо квалитетно печатење на скенираните објекти. Оваа технологија е особено корисна за реконструкција на оштетени или уништени објекти.
– Уреди за безбедно складирање на скенираните и дигитализирани податоци на културното наследство.
– Технолошки напредни компјутери со софистицирани графички картички.

Од донаторската вечер

Ротари клубот Скопје во 2015 година го помогна излегувањето на книгата посветена на глаголицата и организираше донаторска аукција на рачни уметнички изработки на глаголските букви. Организацијата Ротари е основана на почетокот на претходниот век, Дистриктот 1912 е основан во 2011 година, а Македонија се приклучи кон овој Дистрикт 5 години подоцна. Денес во него рамноправно членуваат 52 словенечки и 27 македонски Ротари клубови, како и вкупно 28 Ротаракт клубови во целата област.

Почетоците на ротаријанството датираат од далечната 1905 година, кога Пол Харис, заедно со неколку свои пријатели – истомисленици, го основал и организирал првиот Ротари клуб во Чикаго, во Соединетите Американски Држави. Денес, Rotary international е водечка светска клупска организација, со повеќе од 1.400.000 членови, групирани во 46.000 клубови, распространети во повеќе од 200 земји и географски региони. Клубовите се неполитички, нерелигиозни, и се отворени за сите култури, раси и вероисповести, а нивните членови се волонтери кои доброволно ѝ служат на заедницата и работат за доброто на човештвото.

Духот на ротаријанството се проширил и на нашите простори со основањето на првиот Ротари клуб во поранешното кралство на Србите, Хрватите и Словенците, во 1928 година. Потоа, во 1931 е основан и првиот скопски Ротари клуб, со кој претседателствувал првиот градоначалник на градот Скопје, архитектот Јосиф Михаиловиќ.

Сподели