Од рибарска мушичка до светски уметнички бренд – МАМКА во Музејот на Македонија

Куратор на изложбата е Лени Дончева, а учествуваат и Eмилија Лазаревска, Сергеј Сарчевски, Александар Ивановски и Оливер Настески

Во Музејот на Македонија вечерева во 19 часот ќе биде отворена изложбата на концептуален филигрански накит со наслов МАМКА на уметницата и етнолог Марија Милошевска. Таа веќе дваесетина години го промовира филигранскиот занает преку современиот концепт низ различни медиуми како накит, инсталации, објекти, перформанси и видео арт. Инспирирана од најстарото пишано сведоштво за потеклото на вештачката рибарска мушичка, во светот позната под името Macedonian fly, таа во 2017 го создава брендот „МАкедонска МушичкА – МАМКА“ кој го прикажува филигранскиот концепт како пристап, практика за накит и критички дискурс во креирањето на културата.

Куратор на изложбата е Лени Дончева, историчарка на уметност која работи како куратор во Градскиот музеј во Бад Херсфелд, Германија. Во креирање на визуелниот идентитет на оваа приказна придонела и Емилија Лазаревска, магистер во областа на реставрација и конзервација на темперна техника. Видео инсталацијата е на Сергеј Сарчевски, дипломиран директор на фотографија при Универзитетот „Вестминстер“ во Лондон. Фотографиите се на Александар Ивановски, асистент е Оливер Настески. Изложбата ќе биде отворена до 24 октомври.

– Оваа колекција го истражува изработувањето на накитот како начин на размислување и толкување преку иновативен и применлив пристап во различни дисциплини. МАМКА е директно поврзана со моментот на опстанок, кој преку филигранското дело и техниката за изработка на вештачки мушички за рибарење се оживува во сегашното време како момент на постоење, преку практичен и уметничко – научен пристап. Културата, како начин на живот, претставува обид кој го вклучува значењето на егзистенцијата, светот на објектите и секојдневните пракси кои го произведуваат материјалниот живот, на тој начин што ни нуди модели за комплексна евалуација – велат организаторите.

Марија Милошевска е родена во 1982 година во Скопје. По завршувањето на студиите по етнологија и антропологија на Природно – математичкиот факултет во 2004 година, се фокусира на изучување и пренесување на процесот на филигранската техника преку разни медиуми. Во 2009 година го изведува првиот перформанс во кој ја прикажува филигранската техника како процес на оживување, почнувајќи од постојаноста на материјата, преку вдахнувањето форма и содржина, до самиот крај, кога делото живее и поседува љубов и енергија.

Марија Милошевска

На 14. Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот, во областа на применетите уметности, кое се одржа во Скопје во 2009 година, Милошевска е еден од претаставниците на Македонија. Првата самостојна изложба на филигрански накит и инсталации „Оророк – ладна жица стопена во жежок ритам“, инспирирана од ексјугословенската рок-музика, Милошевска ја презентира во 2011 година во Скопје, Гевгелија и во Љубљана. Следната година е значајна творечка година за Милошевска. Таа изведува уште два перформанса на филигранска техника, во Скопје и во Виена, и го промовира и својот прв документарен филм „Сребрена песна“/Silver song, претставен на повеќе фестивали надвор од Македонија.

Фестивалот за документарни рок-филмови „Дорф“ во Винковци, Хрватска ѝ ја даде довербата четири години да биде дел од креативниот тим и да ги дизајнира наградите. Во јули 2015 година ја изработува наградата за животно дело за музичарот Дејвид Боуви, доделена од фестивалот Skopje Cinema City. Во соработка со кураторската организација Something human од Лондон, Милошевска реализира два перформанса – „Дом, миграција, идентитет“ во Скопје и Crisis, во Галеријата „Бонингтон“, во Нотингем, Велика Британија. Во 2017 година е дел од проектот за претприемачи во организација на CEED HUB, поддржана од програмата IME на Амбасадата на Швајцарија во Скопје. Марија Милошевска со перформансот на филигранска техника на тема „Уметноста е жива“ (Art is alive) го отвора фестивалот за нови медиуми Grisia Youth во Ровињ, Хрватска (2018).

Истата година во ноември Милошевска учествува во истражувачката програма на Номадски дијалози (Nomadic dialogue) во организација на CCFT на Универзитетот за уметност, музика и дизајн во Берген, Норвешка, каде се претстави со перформанс и изложба на тема Between imaginary boundaries и The ethics of fly fishing.

Милошевска е основач на брендот #МАкедонскаМушичКА – МАМКА, чии производи ја пренесуваат приказната за најстарото пишано сведоштво за рибарскатата мушичка позната во светот под името Macedonian Fly. Колекцијата ја добива наградата BIG SEE моден дизајн за 2021 во конкуренција на 23 земји од Европа –  Во авгист и септември годинава МАМКА беше промовирана во Етнографскиот музеј во Белград каде воедно беше и првата концептуална изложба од современ карактер во 121 година постоење на овој музеј во Белград.

Ленче Дончева e родена 1977 година во Скопје. Во 2004 година дипломира на катедрата Историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Од 2000 година живее во Бад Херсфелд, Германија, а од 2013 е вработена како куратор во Градскиот музеј на Бад Херсфелд, Германија. Досега има работено на многу градски проекти од областа на уметноста и културата.

Eмилија Лазаревска е родена во 1977 година во Скопје. Диплимирала на Факултетот за ликовни уметности во родниот град во 2002 година, на оддел графика со графички дизајн во класата на проф. Костадин Танчев-Динка. Во 2019 година магистрира во областа реставрација и конзервација – темперна техника. Има реализирано повеќе самостојни и групни изложби во земјава и во странство. Од 2002 година работи во Националниот конзерваторски центар во Скопје, како конзерватор советник за конзервација и реставрација на икони. Член е на ДЛУМ, МНК ИКОМ и ИКОМОС.

Сергеј Сарчевски е роден во 1999 година во Скопје. Матурирал во скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“, а дипломирал на Универзитетот „Вестминстер“ во Лондон. Уште во средношколските денови се занимава со снимање на кратки филмови кои влегуваат во селекција на фестивали и добиваат награди. Со големо искуство зад камерата Сарчевски работи и во дигиталните уметности и на филмот како медиум.

Сподели