„Мама (ми) чита“: Да пораснеме деца опкружени со книги наместо со екрани

Љубовта кон читањето, а посебно читањето на деца ја инспирирало Марија Павлеска пред точно една година да го создаде инстаграм-профилот „Мама (ми) чита’“. Нејзиното друштво на мајки љубопитни да дознаат што е убаво да им прочитаат на своите деца, расте секој ден. Марија е дипломиран економист, а книгите ги сакала од дете. Иако низ растењето се менувал стилот на литература, книгите ми останале константа во животот, а мојата домашна библиотека нешто на кое сум горда и ме исполнува, вели таа.

– Имам книги што можам да ги читам одново и пак да наоѓам нешто ново во нив. А, откако сум мајка, морам да признаам дека дел од сликовниците се всушност и за детето во мене, но дефинитивно крајната придобивка од нив ќе биде за син ми. Ни требаат најразлични приказни со кои ќе можеме заедно да разговараме како што расте, а добрата книга/сликовница е најдобриот мост за отпочнување на разговор – вели Марија.

Разговараме со Марија за да дознаеме нешто повеќе за нејзината идеја, но и мисија со овој профил.

 

Како се роди „Мама (ми) Чита?

– Мама (ми) Чита е кованица од мама чита и мама ми чита (мене). „Mама (ми) чита“ се појави како инстаграм-профил пред точно една година, меѓутоа идејата се роди заедно со раѓањето на син ми. Два месеци пред да се породам, другарка ми одеше на подолго патување во странство, па подарокот подготвен за неговото доаѓање беше сликовницата „Сосем обичен ден“. Кога се породив, сопругот ме праша кој да биде нашиот прв подарок за Јан кога ќе се вратиме од болница. Му одговорив: Најубавата сликовница што можеш да ја најдеш. Дома нѐ пречека „Тука сме“. На сите наши заеднички фотографии од тие први денови ѕирка книга од некој агол. Имаше седум месеци кога го однесовме на неговиот прв Саем на книга, кој во 2021 година се одржуваше во септември на паркинот наместо во салата поради ковид-пандемијата. Во мај 2022 имаше 15 месеци, а посетени два Саеми на книга.

Така што книги имаше, меѓутоа за нив никаде немаше што да се прочита. Никаде не наоѓав рецензии за сликовници, ниту општ разговор меѓу родителите за квалитетот на детските изданија.

Моментот кога, и покрај сето внимание што им го посветувам на книгите, купив втор дел од сликовница без да ја разгледам на лице место, верувајќи дека купувам проверена книга, беше пресуден за да го отворам профилот „Мама (ми) чита“.

Задоволна ли сте како се развива и колку следбеници имате?

– Сега ми е интересно кога се сеќавам на првите објави, затоа што тоа се километарски текстови. Еведентно е дека мене ми требал медиум од типот на блог, но сум пробувала тоа да го спакувам низ огранучувања за текст на „Инстаграм„. Не се работи само за тоа колку можеш да напишеш, туку и моментот што на „Инстаграм“ луѓето повеќе сакаат блиц информации или видео. Но, за мене беше најважна темелната обработка на книгите што ги споделував. Тие први објави се фокусираа од приказна и илустрации, до превод и квалитет на принтот. Ги пишував како да докажувам случај. За некои од објавите имам и кратки песнички кои низ неколку стиха ја раскажуваат приказната, а во некои од нив има и прашања преку кои родителот може да разговара со детето по читањето на книгата.

Профилот во првите шест месеци успеа да стигне до некои 500 следбеници. Сепак видливоста на профилот после тој праг од 500 им ја должам на Моника Стојановска и на Моника Зец. Моника Стојановска во споделувањето на профилот посочи дека детските книги не се само за деца и родители, и дека е важно тие да бидат точно одбрани, точно читани, точно разбрани и точно критикувани доколку има потреба. И тоа навистина донесе луѓе кои претходно не го сретнале профилот или мислеле дека е исклучиво со содржини за деца.

Моника Зец, мислам дека имаше прозорче за препораки за сликовници. Јас споделив два наслови, а кога ги сподели одговорите, ми се озари лицето, кога на прашање за препорака на наслов, имаше профили кои го спомнуваа токму „Мама(ми)Чита“. Моника тогаш ја сподели на стори можеби мојата најдобра објава дотогаш, таа за „Замисленото мајмунче“ и преку ноќ профилот доби 400 нови следбеници. Моментално профилот има околу 1900 следбеници. Но месечните прегледи се околу 90.000, а тоа е околу 3000 прегледи дневно.

Формиравте и читачки клуб. Како функционира?

 – Читачкиот клуб настана спонтано. До септември лани, уште објавите на профилот беа само со книги и сликовници за деца. Напати знаев да објавам на стори што сум читала и јас во текот на месецот. Добив повеќе пораки за споделување и на таа литература, а потоа следуваше и прашањето „Зошто не започнеш читачки клуб?“

Клубот започна во ноември, и иако мислев дека 15 члена ќе биде импресивна бројка, во моментов сме 45 жени, кои читаат авторки. Избираме дела кои не го добиле заслуженото внимание кај нас. Започнавме со Рејчел Каск, продолживме со Клер Киган, Рут Озеки, Татјана Цибуљак. Моментално, книга за месец март е „Продавачката“ од авторката Сајака Мурата во издание на Издавачки центар ТРИ. Во април ќе нурнеме во творештвото на Лилјана Дирјан.

На почетокот избиравме книга од месец за месец, а сега правиме избор за неколку месеци однапред затоа што во клубот имаме и девојки кои живеат во странство и кои сакаат во месеците кога се тука да се обезбедат со книги на мајчин јазик. Имаме две средби месечно, една онлајн за нашата дијаспора:) и членовите на клубот од другите градови, како и една средба во живо. Чет групата на клубот е на Инстаграм каде што заеднички се бодриме во читањето, споделуваме омилени делови и се информираме за книжевни настани и промоции.

Правите и вид рецензии за книгите/сликовниците.

-Профилот и започна како место за рецензии, иако од почетокот до денес постојано го менувам форматот (долги објави под сликата, па текст низ слајдови, рилови). Сепак, денес тие не се долги како на почетокот, затоа што сметам дека денес имам и повеќе искуство да го спакувам тоа во помалку зборови, а општо и луѓето веќе имаат доверба во препораките. Тоа неизмерно ме радува. Сепак, во иднина би сакала „Мама (ми) Чита“ да има свој блог каде што сите текстови ќе бидат уредно средени и прегледни на едно место.

Соработувате ли со издавачките куќи?

-Кај нас за соработка се смета ако издавачката куќа ви испрати примерок од книгата која ја промовираат, или, ако ви доделат уште еден примерок со кој би организирале онлајн-дарување. Издаваштвото во Македонија не може да се спореди со издаваштвото во странство, каде буксаграмерите се препознаени како вистински маркетери на книгите. Издавачките куќи таму имаат маркетинг буџети и исцрпни маркетинг планови за промоција на новите изданија каде букстаграмерите играат клучна улога.

Јас имав среќа мојата работа (и љубов кон сликовниците) да ја препознае Искра од „Сказнувалка“. Искра е првата која ми довери три сликовници за рецензија, а потоа и ме покани да одржам читачка работилница. Читачките работилници беа нешто што долго сакав да го почнам, но нејзината доверба и шанса направија тоа да се оствари.

Изминативе месеци околу 80 деца присуствуваа на моите интерактивни читања. Ги читавме „Писма до некого и до никој друг“ на Тон Телехен; новогодишни приказни кои беа иницирани од родители кои сакаа доделувањето пакетчиња од фирма да го збогатат со читачка работилница, читањето во „Мили Ванили“ на покана на сопствениците за нивната екипа родители и дечиња, како и поканите од „Кидли“, „Литл Ленд“, „Бистрина Едукација“, „Школа за брзо читање Карпош“ и „Развојното катче „Детелина“ во Виница.

Која е вашата мисија? Дали се радувате на секој нов следбеник и читател?

-Мојата мисија е да пораснеме деца опкружени со книги наместо со екрани. Да пренесеме вредности, а времето на заедничко читање да биде време на поврзување на родителот со детето. Низ моите објави секојдневно поттикнувам на позајмување книги од библиотеките, размена на книги со пријатели, па ако некоја книга ви се допадне и сакате и вие и децата да ја читате одново и одново да се пристапи кон купување.

Во таа смисла, јас најмногу соработка би сакала да имам со библиотеките, кои исто така треба да имаат поголеми буџети, полни полици квалитетни сликовници и книги и катчиња во кои децата ќе можат да ги разгледуваат и читаат книгите.

Откако го отворив профилот причини за радост имам секојдневно. Најчесто тоа се пораките од мајки кои бараат препорака за книги според возраст на децата, импресии откако ги прочитале книгите, некои ми пишуваат и ми испраќаат фотографии од нивните посети и зачленување во библиотеките, споделување на „улов“ особено во време на попусти, како и омилената дружба со девојките од читачкиот клуб. Најголема радост, секако, ќе биде ако и самата пораснам читател. Син ми да ги сака книгите, да посветува време во читање, да ги чува и споделува. Барем засега мислам дека сме на добар пат.

Сподели