Македонскиот писател мора да го искаже својот став, на ДПМ му треба систем од вредности!

Избори за претседател на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на Собранието, како членови на Претседателството и членови на другите тела на писателската асоцијација, бараат членови на ДПМ. Низ фејсбук-објави дел од членовите на ДПМ јавно реагираат за последните случувања во нивната асоцијација. Откако осуммина членови на претседателството дадоа оставка, а актуелниот претседател на Друштвото, Христо Петрески, даде неотповиклива оставка, вчера наутро се премисли и ја „отповика неотповикливата оставка“.

-По барање на голем број членови на Друштвото на писателите на Македонија ги известувам членовите на Друштвото на писателите на Македонија и медиумите дека ја повлекувам оставката од местото претседател на Друштвото на писателите на Македонија, бидејќи истата беше изнудена поради притисоци, уцени и закани – напиша Петрески.

Во меѓувреме, претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска, закажа вонредно изборно собрание за 25 ноември.

-Ние, македонските писатели, нема да дозволиме да продолжат обидите за држење во заложништво на Друштвото на писателите на Македонија! По кусото и неконцизно обраќање на претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска, јавно ја повикуваме веднаш да престане со манипулациите! Секакво подигрување без да се распишат избори за сите раководни позиции и за членови во другите органи во ДПМ ќе претставува обид за продолжување со самоволието и насилието, кои му го одзедоа достоинството на ДПМ. Македонскиот писател мора да го искаже својот став! На ДПМ му треба систем од вредности! Веднаш!

Петрески утрово објави дека повеќе нема да комуницира со јавноста преку официјалната-фејсбук страница на Друштвото на писателите на Македонија.

Сподели