Mакедонскиот јазик ќе се изучува и на додипломските студии на Универзитетот во Вроцлав

Заемната определба да се вложува во перспективите за македонистиката во Полска дава конкретни резултати. По одбележувањето на јубилејот 35 години Лекторат по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец при Шлезискиот универзитет во Катовице, од следната академска година, македонскиот јазик ќе се изучува и на додипломските студии на Универзитетот во Вроцлав. Определбата македонскиот јазик уште посилно да одекнува во светот не е само желба, туку секојдневно е стварност, рече проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ), по завршувањето на 11. Македонско-полска конференција во Катовице и по чествувањето на јубилејот на Лекторатот по македонски јазик во Сосновјец.

– На Универзитетот на кој великиот Блаже Конески, кој е меѓу најзаслужните за воспоставувањето и развивањето на македонско-полските културни врски во минатиот век, во 1973 година бил прогласен за doctor honoris causa, половина век потоа ќе се одвива настава по македонски јазик уште од почетно рамниште на додипломските студии. На овој Универзитет интересот за македонистиката е континуиран. Особено е успешна работилницата за македонистика основана од еден од најистакнатите полски македонисти, академик Јан Соколовски, кој и денес е постојано посветен на македонистиката што се потврди и на Конференцијата. Но, особено ни е драго што наставата во Вроцлав ќе ја изведува полската македонистка, д-р Марија Стришевска, семинаристка на школите на Семинарот – вели Мојсова-Чепишевска.

Според неа, вложувањето во новите, актуелни генерации странски македонисти е и само еден од патиштата кои водат до остварување на определбата на Семинарот, дека иднината треба да ја создадеме во сегашноста.

Годинава се навршуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Полска.

Сподели