Македонскиот фолклорен ансамбл „Илинден“ од Мисисага, Канада го освои првото место на Интернационалниот уметнички фестивал од натпреварувачки карактер во Љорет де Мар, Каталонија, Шпанија. Овој триумф не е само победа за ансамблот, туку и историски момент за македонската култура oд дијаспората. „Илинден“ е првиот македонски фолклорен ансамбл од северноамериканскиот континент што постигнал вакво признание на интернационален натпреварувачки фестивал, во конкуренција на врвни ансамбли од Индонезија, Шпанија, Литванија, Индија, Латвија, Украина и други земји.
Ансамблот се претстави со фрагмент од сценската кореографија „Источна“, дело на доајенот Тофе Дракулески, со музика на истакнатиот Ѓорѓи Димчевски – изведба што ја плени публиката со автентичност, динамика и сценска грандиозност, добивајќи највисоки оценки од меѓународното стручно жири.
Ансамблот „Илинден“ е дел од македонската православна црква „Св. Илија“ – Мисисага. Постои од 1984 година и е еден од најзначајните културни столбови на македонската дијаспора во Канада. Под водство на посветената претседателка и уметнички директорка Марја Божиновска-Цветанова која со несебична посветеност работи на меѓународната афирмација на групата, и професионалната и креативна кореографка Орхидеја Радевска, друштвото несебично работи на унапредување и интернационална промоција на македонската народна уметност. Во изминатите децении, ансамблот има настапувано низ бројни градови во САД (Њујорк, Чикаго, Вашингтон, Акрон, Бафало, Детроит и др.), како и во Македонија, носејќи ја македонската традиција и фолклор со неизмерна љубов и професионализам.





