По прекрасниот настап на Националниот џез оркестар во Будимпешта, втора дестинација за нашите џезери, предводени од диригентот Владимир Николов, е Прага. Вечерва во 19.30 часот во „Ла фабрика“, современ уметнички центар и една од најпознатите џез и театарски сцени во Чешка, ќе биде изведен концертот „Македонски сновиденија“. Станува збор за една од најпознатите џез и театарски сцени во Чешка, место како центар за биг бенд музичари.
– Настапот таму ќе овозможи вмрежување со европската џез заедница и претставување на оркестарот пред публика навикната на автентични и експериментални музички форми, велат од Националниот џез оркестар.
„Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams) е проект за промоција на Националниот џез оркестар преку композиции инспирирани од македонскиот фолклор, аранжирани од Владимир Николов и Гордан Спасовски, но и со нивни оригинални авторски композиции. Настапот во Будимпешта на универзитетот ЕЛТЕ беше полн погодок за почеток на турнејата. Нашите музичари, амбасадори на македонската култура беа испратени со аплаузи, воздишки и овации после секоја соло секвенца, после секоја прекрасна композиција. Преубавата и исконска македонска музика родена во фолклорот, но сега облечена во ново руво, во нови аранжмани, и тоа како резонираше со публиката.
Повеќе за настапот во Будимпешта, прочитајте на следниот ЛИНК.





