Поканата за претставувањето доаѓа како резултат на соработката на Градската библиотека ,,Браќа Миладиновци” од Скопје со Јавната библиотека од Темпи, Аризона
Пишува: Александра Јуруковска
Македонија ќе биде дел од програмата на Историскиот музеј во Темпи, во американската држава Аризона, за претставување на Tempe Sister Cities: 50 Years of Citizen Diplomacy, што ќе се реализира на 27 јули. Програмата ја прикажува традицијата на нашата земја преку јазикот, храната, музиката, играта, песната, детските приказни. Нашето претставување го подготви тимот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје.
– Нашата библиотека изработи краток филм за македонската азбука, македонските бајки, детските игри и песни, македонските природни пејзажи за претставување на македонската традиција и култура. Филмот е колаж од детски песни и игри на тема азбука, бројки, традиционална роденденска прослава, читање македонски приказни, фотографии со информации за туристичките дестинации со природните пејсажи, традиционалната храна, занаетчиство, нашите национални обележја. Од колегите во Темпи сме информирани дека постои голем интерес за нашата земја за што е формирана посебна група на учесници на програмата – вели Билјана Кочишка од одделот за меѓународна соработка на Библиотеката.

Таа додава дека веќе се организирани активности за изработка на македонско знаме, а група на танчери ќе ги подучуваат учесниците на македонски игри и ора.
Учесници во програмата Tempe Sister Cities: 50 Years of Citizen Diplomacy се деца на возраст од 2-12 години, нивните родители и сите членови на заедницата кои имаат желба да ги запознаат другите луѓе, преку презентација на 11 градови од различни делови на светот. Поканата за претставувањето во Темпи доаѓа како резултат на соработката на Градската библиотека од Скопје со Јавната библиотека од Темпи, Аризона, САД (Tempe Public Library).
Контактот започна во текот на 2021/22 година на иницијатива на членовите на бордот на фондацијата „Пријатели на библиотеката“ кои се со македонско потекло.
Следната активност е потпишување на меморандум за меѓусебна соработка помеѓу двете библиотеки во октомври оваа година, кога делегација од нашата библиотеката ќе оствари посета на Библиотеката во Темпи.
Целата идеја се надоврзува на долгогодишната соработка на градската администрација на Градот Темпи и Град Скопје, кои се збратимени градови од 1971 година. Оваа активност е дел од меѓународната програма на Библиотеката, реализиран како проект на 50-годишнината од воспоставување на соработка помеѓу двата града.





