Македонска премиера на „Најсреќниот човек на светот“ на 27 октомври во киното „Милениум“

Македонскиот претставник за „Оскар“ само во октомври учествува на пет меѓународни фестивали

Нашиот претставник за странски филм на „Оскарите“, „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ќе ја доживее македонската премиера на 27 октомври во киното „Милениум“ во Скопје. По светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција и Торонто, филмот на Стругар Митевска има одличен прием кај светската критика, а и голем интерес за интернационална кинодистрибуција.

Во октомври „Најсреќниот човек на светот“ патува на пет меѓународни фестивали.

-Започнавме со ексклузивна проекција на Филмскиот фестивал во Киев, Украина кое беше проследено со предавањето од страна на Теона С. Митевска. Полната сала во Киев и крајно емотивната проекција на филмот во Киев проследена со звуци од сирени, зборува за значајноста на оваа приказна и овој филм кој крајно искрено говори за тешкотиите и можностите за помирувањето по воените разорувања, за длабоките траги и трауми кои остануваат врежани засекогаш кај сите оние зафатени од немилосрдниот виор на војната – истакна продуцентката Митевска.

Филмот беше прикажан и на Филмскиот фестивал во Хаифа, Израел, каде беше прикажан во главна конкуренција. На 21 октомври ќе биде прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Рио де Жанеиро во Бразил, а кон крајот на месецов ќе биде прикажан и на Филмскиот фестивал во Загреб, по што веднаш следува и кинодистрибуција на филмот во Хрватска.

Октомвриската турнеја на филмот ќе заврши во Словенија каде ќе се натпреварува за наградата „Весна“ за малцински копродукции на Филмскиот фестивал на словенечки филмови во Порторож.

 

Сподели