На малата сцена на Македонскиот народен театар задутре (сабота) во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Лов на дива свиња“ по текст на црногорската писателка Марија Сарап, во режија на Наташа Поплавска. Претставата е копродукција помеѓу МНТ, Градско позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје. Ова е прва соработка по потпишаниот меморандум за продлабочување на културна и уметничка размена меѓу Македонија и Црна Гора.

Во претставата играат: Искра Ветерова-Славенска, Ана Стојановска и Мина Јелушиќ-Јериниќ и гостите од Црна Гора – Ѓоргије Татиќ и Вукан Пејовиќ, кои на сцената ќе зборуваат на македонски и на црногорски јазик
Претставата е праизведба и е спој на два драмски текста од современата авторка Сарап – „План Б“ и „Лов на дива свиња“, и двете тематизираат интимна приказна за жени што трпат семејно насилство и прашањето како да се спротивстават и да се заштитат во тие токсични околности во кои забораваат на себе и се преобразуваат во нешто што не се.
Се работи за приказна за „демоните што ги ловиме цел живот во себе и се обидуваме да ги избркаме од себе за да бидеме подобри луѓе“.
„И за целото тоа време се појавуваат сите други што нѐ разубедуваат дека не постојат демони и дека работите се решаваат на друг начин, а не како што ние замислуваме, и на тој пат ние се враќаме назад … Она што ни стана јасно уште од првите проби и што никој не може да ни го земе е дека никој не смее да ве тепа, никој не смее да ви ги одзема децата – никој. Ако тоа се каже на јасен начин низ текстот и преку режијата и актерската игра – ние сме успеале колективно. Не се работи за театарот и за секој од нас лично, туку се работи за сите нас – да станеме подобри луѓе, истакна Сарап, која е и уметнички директор на Црногорскиот народен театар.
Режисерката Поплавска додаде дека се работи за „женска тема со јасна порака“ – крик за сите жени што доживеале барем малку од тоа што ќе се види на сцената.
„Приказна за семејно насилство и семејни тајни, демони што се пренесуваат во фамилијата. Женски крик за сите жени кои доживеале барем малку од она што ќе се види на сцената, за жени кои молчеле и се прашувале дали да кажат и кому да се обратат. Ова е апел и до институциите. Мисијата сме ја постигнале ако барем некој во публиката се реши да си каже: Доста е!, истакна Поплавска.

Актерката Искра Ветерова-Славенска, која по повеќе години се враќа на сцената, посочи дека се обидуваат да ги најдат причините за тоа зло, трауми и стравови, но не за да ги оправдаат, туку, рече, како да се соочат со нив.
„Жената направила избори во животот и сега живее со последиците. Со нејзиното преиспитување се отвора приказната за причините за насилството … на крајот имаме решение како да ставиме точка на сето тоа, додаде Ветерова-Славенска.
Црногорскиот актер Татиќ кажа дека првпат глуми лик на насилник и предизвик му било да проникне во таа мрачна страст што човека го тера да биде груб.
„Тоа што се случува во претставата и тоа што им се случува на други жени и семејства најчесто останува зад затворени врати. Не ме привлече насилството туку повеќе страста која добива сосема поинаков, мрачен пресврт. Прашањето што ме интересираше е што е тоа што го обележува еден човек во неговото растење, кој е тој тригер, траума, за тој да стане таков каков што е, бидејќи се раѓаме со предиспозиција да бидеме добри и да сакаме да бидеме добри луѓе и добри родители, рече Татиќ.





