На тематската сесија „Културни права и економија на културата“ што се одржува во рамките на Светската конференција на УНЕСКО за културни политики и одржлив развој „Мондиакулт“, министерот за култура и туризам Зоран Љутков ќе ги претстави националните заложби за унапредување на културните права, поддршката на уметничкото творештво и развојот на културните и креативните индустрии. Конференцијата се одржува во Барселона.
Конференцијата вчера ја отвори претседателот на владата на Шпанија, Педро Санчез. Тој истакна дека културата не му припаѓа на еден народ или една држава и ја истакна областа како отворена форма на дијалог.
„Мондиакулт“ е конференција на која ќе се презентираат националните, регионалните и меѓународните достигнувања во делот на културата по усвојувањето на Декларацијата „Мондиакулт“ од 2022 година, со која се дефинираат културните права и се утврдува улогата на културата „како посебна, специфична цел“ во Агендата за одржлив развој по 2030 година.
Програмата на конференцијата вклучува повеќе паралелни тематски сесии, меѓу кои: Културата и образованието, Културата и мирот, Културните права, Економија на културата, Културата и климатските активности, Културата, наследството и кризите, Културата и дигиталната трансформација и Културата и вештачката интелигенција.
На најголемиот светски собир на министри за култура, кој се организира под покровителство на УНЕСКО, учествуваат претставници на државите членки на УНЕСКО и придружните членки, државите кои не се членки, организациите на системот на Обединетите нации, меѓународните невладини организации, граѓанското општество, приватниот сектор и други носители на одлуки и влијателни личности од областа на културата, а домаќин е Владата на Шпанија.





