Сликовницата „Сакам силно да ме гушнеш“ од авторката Катерина Димова и илустраторката Анастасија Јованова ќе биде промовирана денеска во 18 часот во Сули ан во Скопје. Промоцијата на ова ново дело посветено на децата е во рамките на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“, што беше отворен синоќа со изложба на дела од доајенот Ордан Манески, но и на современа илустрација на македонски автори. Сликовницата ќе ја промовира новинарката Сребра Ѓорѓијевска.
„Сакам силно да ме гушнеш“ е прва сликовница на Катерина Димова, која е магистер по специјална едукација, семеен системски советник, основач на Неуроклиник-Центар за здрав раст и развој на деца млади и возрасни. Исто така и за младата ликовна уметница Анастасија Јованова е првенче. Основната тема на оваа приказна е разводот и како децата да се справуваат со тоа кога родителите ќе одлучат да се разделат.
На вториот ден на „Литера“ ќе може да проследите повеќе содржини во Сули ан. Во часот во Сули ан ќе се одржи работилница за илустрација на тема колографија наречена „Музички џубокс“, што ќе ја води графичкиот уметник Софија Семенпеева. Наменета е за студенти, професионални илустратори и сите што сакаат да експериментираат со визуелен израз на нов и возбудлив начин.
Оваа работилница ги спојува музиката и визуелната уметност – преку звук, ритам, линија, форма… ќе создадеме илустрации кои раскажуваат.
Повеќе за програмата на вториот ден, на следното фото:






